Со желба театарот да ни биде живот, а не животот – театар, фестивалот за отворен го прогласи Елена Магеровска Паликарова, заменик градоначалник и член на Советот на општина Струмица.
-Го дочекавме и влезот во четвртата деценија од споделувањето на струмичката љубов, почит и верност кон бардот на македонското глумиште Ристо Шишков, преку единствениот меѓународен театарски фестивал посветен на актерот, фестивал кој покрај спомените на великанот, овозможува тој да живее и во годините кога самоуверено чекори само по небесените штици, играјќи големи ролји кои нему му прилегаат.
Во наредните шест фестивалски денови ќе имаме можност да проследиме 10 театарски претстави во продукција на театри од Словенија, Бугарија и Северна Македонија, со надеж дека ќе уживаме во бројни високи актерски достигнувања по мерка на фестивалот и името кое тој го носи. Се надевам дека Струмица повторно, по којзнае кој пат, а преку овој фестивал по 31-ви пат, ќе покаже и докаже дека неслучајно е еден од најголемите македонски културни центри, рече Паликарова.