Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за градоначалникот Петар Јанков и општина Струмица. Потврда на ова се поставените професионални прочистувачи на воздух во основните општински училишта „Никола Вапцаров“, „Маршал Тито“,„Сандо Масев“ и „Видое Подгорец“, како и градинките „Виножито“ и „Детска радост“.
Градоначалникот Петар Јанков, денеска посети неколку од овие институции за лично да се увери во придобивките од нив. При тоа, потенцираше дека со овие современи прочистувачи на воздух се обезбедува чист и свеж воздух во образовните институции со што на децата им се овозможува да растат и да се развиваат здраво.
Професионалните прочистувачи на воздух се донација од Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, и се работи за висококвалитетни уреди коишто користат Х14 ХЕПА филтри – филтри кои задржуваат над 99.995% од вирусите, бактериите и другите микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздух кој се споредува со услови во стерилни простории.
Овие прочистувачи располагаат и со префилтер со активен јаглен, кој значително ја намалува непријатната миризба и го редуцира присуството на озон, азотни оксиди (NO₂) и летливи органски соединенија (VOCs). Со капацитет од 2500 м³/час, уредите овозможуваат петкратна размена на воздухот во просториите секој час – нешто што директно придонесува за поздрава средина.


