Струмица денеска беше домаќин на одбележувањето на 1Јуни – Меѓународниот ден на детето со хепенингот „Семеен ден за згрижувачките семејства“ кој во организација на СОС Детско село, а во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Струмица, Министерството за труд и социјална политика и општина Струмица се одржа во малиот градски парк.
Поддржувајќи ги децата и згрижувачките семејства, градоначалникот Костадин Костадинов ги поздрави учесниците, нагласувајќи дека е исклучително среќен што СОС Детско село го организира овој настан токму во Струмица.
–Семејството е симбол на сплотеност, љубов, топлина, заштита и меѓусебна грижа. Сепак, постојат деца кои, од различни причини и без сопствена вина, биле оневозможени да ги почувствувааат тие убави белези на семејството. За среќа се уште постои човечноста и љубовта.Ова парче место во строгиот центар на Струмица се вика „Мал градски парк“, ама, колку и да е мал, има голема гостопримлива душа за убави луѓе и убави нешта. Овој 1 Јуни, овој „Семеен ден за згрижувачките семејства“ нека биде ден за дополнителна промоција за згрижувањето, ден за почит и признание за згрижувачите, ден за подобрени услови за живот на децата без родителска грижа – сместени во згрижувачки семејства, како и нивна социјализација и дружење. Во моето обраќање на минатогодишниот настан посветен на згрижувањето ветив дека Општина Струмица ќе обезбеди средства за годишен одмор за згрижувачките семејства од Струмица. За жал, поради бирократски пречки се уште немаме добиено податоци за тие семејства, но јас се уште стојам на моето ветување, затоа што згрижувачките семејства тоа го заслужуваат, рече градоначалникот Костадинов.