Годинашното тринаесетто издание на Струмица опен фестивал ќе започне на 22 јули, а ќе заврши на 20 август. За фестивалскиот концепт и значење, на денешната прес конференција зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.
-За општина Струмица особено е важен културниот развој и промената на менталната матрица на струмичани во нешто што е здраво и убаво и во ова наше секојдневие навистина е време и ред да ставиме на пиедестал нешто што е убаво. На мое огромно задоволство од 22 јули па до 20 август ќе се реализира Струмица опен фестивал со сите убави настани од различни аспекти и за различни категории на граѓани. Се надеваме дека ќе ги погодиме вкусовите на сите струмичани, но сакам да потенцирам дека вратите на Струмица се отворени за сите граѓани на Република Македонија и очекуваме дека и оваа како и секоја година, ќе имаме огромен број на граѓани кои ќе бидат дел од сите настани на Струмица опен фестивал. Тоа што мене посебно ме радува е отвореноста на младите струмичани да бидат активни учесници во фестивалот и на тој начин придонесуваат за одржување и континуитет на локалниот бренд Струмица опен фестивал. Важно е да се потенцира дека Општината останува главен и генерален покровител на фестивалот и уште поважно е како и претходната година нема да имаме изведувачи од страна, туку ќе бидат македонски изведувачи коишто во најголем дел ќе изведуваат македонски песни. Веруваме во тој принцип на работа и секако остануваме посветени и оваа, но и годините пред нас да го променуваме летното струмичко секојдневие со нешто навистина убаво. Како генерален покровител, со одлука на Советот на општина Струмица при изготвувањето на општинскиот буџет, одвојуваме близу 3 милиони денари за покривање на Струмица опен фестивалот, но сепак сме флексибилни и јас како градоначалник и организаторите и доколку сметаме дека одреден настан или активност може да го збогати портфолиото на фестивалот, сме подготвени и имаме финансиски можности да ги поддржиме и нив, рече Костадинов.
На прес конференцијата присуствуваа и дел од локалните учесници на фестивалот, а за програмата детално информираше Томи Печков од здружението „Културно забавен живот“ коешто е организатор на оваа реномирана културна манифестација во Струмица.