Градоначалникот Коста Јаневски со соработниците изврши увид во завршните работи во градинките во населените места Куклиш и Муртино. Сите градежни активности се завршени, набавен е потребниот инвентар, објектите се оградени, се чека само решението за вршење дејност од Министерството за труд и социјална политика и истите да бидат ставени во функција.
Имам задоволство да потенцирам уште еден важен сегмент во квалитетот на живеење во нашата општина. Тоа се градинките во населените места Куклиш и Муртино во кои се вршат последните дооформувања на амбиентот внатре и пополнување со се она што е потребно како инвентар во овие градинки, кои што ќе примат околу 86 наши дечиња, најмлади сограѓани, шеесетина деца во населеното место Куклиш и околу 26 деца во населеното место Муртино. Ова е еден убав проект. Очекуваме уште решение за вршење на оваа дејност, кое што треба да го издаде министерствто за труд и социјална политика и веднаш после тоа ќе можеме да ги примиме нашите најмали сограѓани од овие категории во овие убави објекти. Сакам да надополнам дека во исто време се врши реновирање на „Клон 4“ со нова опрема и градежни интервенции кои што треба да го подобрат амбиентот. Секако нашата јавност знае дека одобрен е проектот во касарната за една поголема градинка, која што ќе има капацитет од 250 до 310 дечиња. Средствата се одобрени и на почетокот на наредната година, значи за релативно кратко време ќе почнат таму градежните работи. Со овие интервенции, мислам дека општина Струмица дефинитивно ќе го затвори проблемот со недостаток на капацитети во овие наши установи, бидејќи познато е дека со години се примаа повеќе дечиња отколку што беа капацитетите на овие наши установи, кои беа градени во едно поодамнешно време. Мислам дека еден проблем го затвораме во еден догледен период и секако една новина која што во нашата општина се покажа како многу корисна, а тоа е целодневниот престој за деца. Го пласиравме како пилот проект минатата година, со која беа опфатени околу педесетина деца. Според моите сознанија во овој нареден период околу 150 дечиња и родители имаат ваква потреба и мислам дека оваа година со адаптирање на некои други простории ќе можеме да примиме поголем број, рече градоначалникот Јаневски.