Денес градоначалникот Костадин Костадинов и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржаа работен состанок, во рамките на денешната посета на Струмица на делегација од МВР, како дел од програмата „Отворен кабинет во СВР Струмица“.
На работниот состанок во градоначалничкиот кабинет, министерот Спасовски и градоначалникот Костадинов зборуваа за состојбите со безбедноста и јавниот ред и мир во општина Струмица, како и за соработката на тој план меѓу Општина Струмица и СВР Струмица. Беа истакнати и редовните активности на Локалниот совет за превенција, како позитивен пример за беспрекорно партнерство на Општина Струмица со институциите и граѓаните, кое, покрај другото, дава одлични резултати и на полето на безбедноста.
По состанокот, градоначалникот и министерот беа во посета на СОУ „Јане Сандански“, каде што на ученици од тоа училиште им беа делени флаери од превентивната кампања „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“.