На иницијатива на градоначалникот Костадин Костадинов, денеска, се одржа средба со претставници на бизнис секторот во Струмица, а на којшто присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Целта ни е заедно со бизнис секторот да се сретнеме на еден понеформален начин овде во Концепт и да разговараме за целата реализација на Буџетот, за кварталниот буџет – реализацијата во последните три месеци од 2021 година. Зошто е тоа важно? Затоа што без бизнис секторот нема и силна Струмица. Реализацијата од 104 проценти кажува дека буџетот е доволно полн за да ги реализираме и остваруваме капиталните расходи што се од суштинска важност за подобрување на секојдневието на граѓаните. Сакаме да воспоставиме пракса на комуникација и да обезбедиме партиципативност бизнис секторот, најголемиот полнач на општинската каса, да биде вклучен во креирањето на локалната политика. Модерното време носи нови предизвици, се наоѓаме во енергетска, економска, и здравствена криза и тоа бара непосредна комуникација буквално и на дневно ниво токму со бизнисмените за да обезбедиме силна и финансиска стабилност за Струмица, рече градоначалникот Костадинов.
За вицепремиерот Фатмир Битиќи Струмица е исклучително добар пример како локалната самоуправа може да се справи со кризата.Тие се единствена општина во Македонија во која локалната самоуправа има обезбедено субвенции и за граѓаните, но и за стопанствениците за да се справат со енергетската криза. Мислам дека е пример за почит затоа што и ние како Влада правиме напори да помогнеме секаде каде што е потребно. Само пред две недели објавивме пакет на економски мерки од 400 милиони евра. Денеска ќе обзнанам дека веќе наредната недела ќе бидат оперативни неколку кредитни линии од Развојната банка околу 46 милиони евра коишто директно ќе помогнат на стопанството за да се справат со енергетската криза, но не само да се справат, туку и да се спремат за другите предизвици т.е. да влезат во енергетска ефикасност и инвестиции во обновливи извори на енергија затоа што секоја криза, сум кажувал секогаш и кажувам пак, треба да се искористи од аспект на справување, но и како можност за понатамошниот развој, рече Битиќи.