Градоначалникот Костадин Костадинов денеска ја одржа месечната јануарска средба со претставниците на здруженијата и организациите кои опфаќаат лица со попреченост и во социјален ризик, којашто ќе биде традиционална во неговиот мандат. Градоначалникот Костадинов информираше дека од утре со започнувањето на второто полугодие од оваа учебна година, со работа ќе започнат и 16 лични асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовниот образовен процес во основните училишта во општина Струмица и тоа 14 во Струмица и по еден во населените места Муртино и Градско Балдовци. За сите обезбедивме средства од општинскиот буџет.
Потсети и дека во основното општинско училиште „Видое Подгорец“ во Струмица е отворена сензорна соба за педагошка поддршка за учениците со образовни потешкотии. Ова е втора сензорна соба, првата е во ООУ „Сандо Масев“ во кое функционира и Центарот за поддршка на образованието на ученици со попреченост.
Од областа на Програмата за социјална заштита обезбедена е просторија за психо – социјално советувалиште за реинтеграција и ресоцијализација на жени – жртви на семејно насилство во Повеќенаменскиот социјален центар.
На средбата се разговараше и за други проблеми и предизвици за кои во наредниот период ќе се бараат решенија согласно општинските можности и овластувања.