Граѓаните изгласаа нов парк на Форумот на општина Струмица и УНДП

Граѓаните изгласаа нов парк на Форумот на општина Струмица и УНДП

Заврши втората форумска сесија од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ во организација на Општина Струмица и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). На двете сесии беа презентирани повеќе мерки коишто ќе го подобрат квалитетот на воздухот, а учесниците на Форумот најголема поддршка дадоа за мерката за зазеленување.

-Мерката којашто се изгласа придонесува многу за зголемување и урбанизирање на нови јавни зелени површини во градот. Тоа место е до градинката „Виножито“ каде што се прави нов парк од 28.000 метри квадратни, а празниот плац до него согласно изгласувањето на оваа мерка ќе се урбанизира со нов парк на површина од околу 13.000 метри квадратни и на истиот ќе има урбана опрема, паметни клупи, паметно осветлување со ЛЕД светилки, приклучоци за полнење на мобилни телефони, инфраструктура за отпад и сето тоа ќе придонесе за доброто на граѓаните, бидејќи сите ние знаеме дека сакаме здрава и чиста средина којашто ќе ја оставиме за подобро здравје на нашите следни генерации, изјави заменик градоначалничката Елена Магеровска Паликарова.

Реализацијата на оваа мерка ќе биде следната година, а ќе чини 340.000 долари, а половина од средствата ќе кофинансира општина Струмица. Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е финансиран од владата на Шведска, а го имплементира УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Струмица.