Под мотото „Да засадиме денес, за подобро утре“ денеска започна реализацијата на проектот за озеленување на сите појаси околу градот Струмица.
Иницијативата е на градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, а се реализира во соработка со ЈП Македонски шуми и подружницата Беласица Струмица. Проектот е отворен за сите граѓани, институции и здруженија кои сакаат чист воздух и здрава животна средина во општината.
„Заедно со ЈП Македонски шуми прво ги одредивме локациите каде што има потреба од пошумување и денеска започнавме од месноста Стрелиште над Струмица. Ова нема да биде еднократна акција, туку ќе продолжи и во наредните денови, како и секоја година во сезоната на садење дрвја. Раззеленувањето и облагородувањето на природата е наша заедничка визија за сегашните и идните генерации“, изјави градоначалникот Петар Јанков.
Според заменик-директорот на ЈП Македонски шуми, Кире Михаилов, денеска се засадени 10.000 садници, а во наредните денови бројката ќе достигне 20.000 садници од багрем, бор и други видови дрвја.
Со оваа акција ќе бидат опфатени сите голи и ерозивни површини околу градот, со цел создавање поздрава и поубава животна средина за сите граѓани.


