Градоначалникот Костадин Костадинов со претседателот на Советот Марјан Даскаловски и негови членови и со претставници на општинската администрација извршија увид во стартот на градежните активности на местото на поранешната маларична болница.
-Пред жителите на ова убаво Турско маало ветивме дека ова место ќе прерасне во убав спортски центар со фудбалско и кошаркарско игралиште, но и многу важно паркинг места за автомобили и автобуси за потребите на џамијата и храмот на Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици. Ние сме одговорни политичари и од старт ќе кажеме дека динамиката на првата јавна набавка заради дел на оправдани причини не беше испочитувана па моравме да распишеме и нова и еве денеска компанијата изведувач почна да работи и очекуваме дека и пред законските рокови овој проект ќе биде завршен. Турското маало знае да даде бројни спортски таленти коишто Струмица добро ги знае и тоа во фудбалот и очекувам на ова место за многу брзо време да се одигра една пријателски натпревар во фудбал каде што заедно со нашите сограѓани од Турското маало ќе го прославиме овој прогрес за нив.
Зошто го потенцирам паркингот?
За жал пред некоја година имавме кавга за паркинг место и се случи убиство во ова Турско маало. Затоа мораме да размислуваме многу одговорно не заради нас политичарите, туку заради граѓаните и жителите и безбедноста во Турското маало и навистина во Струмица можеме ова Турско маало да го направиме уште поубаво место за живеење. Дополнително ги издадовме одобренијата за почеток на третата фаза со коишто ќе аплицираме за третиот повик од унгарскиот кредит, а тоа значи почеток на изградба на куќите во Социјалната населба со цел дислокација на дивоизградената населба на „Климент Охридски“. Почнуваме со 25 куќи, доколку ни одобрат средства од Владата за да го заокружиме целиот проект со вкупно 118 куќи. Социјалната населба е вториот најголем проект во историјата на општина Струмица после јавниот превоз којшто токму јас како градоначалник со мојот тим и со овој Совет го реализиравме. Овој мандат го заокружуваме со топ три проекти коишто ја променуваат историјата на Струмица и секако дека во таа насока и ќе продолжиме. Посакувам да ни се множат таквите убави проекти за Струмица и спортските објекти, изграден е скејт паркот, пам тракот за велосипеди, се гради велосипедската патека, тоа е начинот на којшто можеме да придонесуваме за променување на свеста за поздрава животна средина и поздрави навики на нашите сограѓани, изјави градоначалникот Костадин Костадинов.