Денес во хотелот „Цар Самуил“ во Бања Банско се одржа Регионална средба на архитекти и инженери од Југо-Источниот плански регион, во организација на Комората на овластени архитекти и инженери.
Од името на градоначалникот Костадин Костадинов и Општина Струмица, организаторите и учесниците ги поздрави членката на Советот на општина Струмица Елена Магеровска Паликарова. Таа во своето обраќање меѓу другото истакна: „Спомнувајќи го нашиот градоначалник, сакам да споделам со вас едно негово размислување. Тој вели: „Колку повеќе кранови ќе видите во една општина, толку повеќе ќе ви биде јасно дека станува збор за напредна општина со неоспорен економски развој.
Едно е повеќе од сигурно, таква слика нуди токму општина Струмица во која градежните активности се дел од секојдневието на струмичани. Се разбира, сето тоа не ќе беше можно, без исклучително добрата соработка со вашата фела, која постојано ја негуваме на заемно задоволство“.
На регионалната средба беше презентиран Ценовникот за инженерски услуги за високоградба и Тарифникот за урбанистичко планирање, а се одржа и трибина на тема: „Во пресрет на инженерските предизвици, преку надградба на Законската регулатива, во време на интензивна дигитална трансформација“.