Евроамбасадорот Рокас во посета на Струмица – Општина пример за европски развој и соработка

Евроамбасадорот Рокас во посета на Струмица – Општина пример за европски развој и соработка

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Н.Е. Михалис Рокас денес реализираше посета на Струмица, општина – пример за европски вредности, напредок и развој. Во рамките на посетата амбасадорот оствари средба со градоначалникот Костадин Костадинов, кој ја нагласи посветеноста на општината и проактивниот пристап во спроведување на клучни проекти усогласени со европските стандарди.

„Факт е дека урбаната мобилност е една од фундаменталните вредности на европското креирање на политики, особено во делот на локалната самоуправа. Струмица токму тоа го прави. По пат на договор помеѓу општина Струмица и Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија веќе инвестираме во смарт вело сити проектот каде што имаме веќе 8 километри реализирана велосипедска патека, а третата фаза е во тек на реализација и секако тоа треба да го продолжуваме, ама тука не завршува се. Ние мора да ги препознаеме таквите потреби и преку визионерски политики да продолжиме во однос на урбаната мобилност, за тоа и беше иницијативата за електрифицираниот јавен превоз со што станавме и прва општина на Балканот со целосно имплементиран јавен електрифициран превоз за кој што имаше дилеми и тоа е нормално. Дали ќе биде функционално или не, дали има потреба или нема, ама ако ги видиме анализите коишто вчера ни беа испорачани од страна на иснпекциските служби на општина Струмица, што значи покрај сите активни мерки, зборувам за оние техничко-административни во однос на вонредни контроли кај потенцијални загадувачи, јавниот превоз, мотивацијата на граѓанството велосипедот да го користи како превозно средство, а не исклучиво како рекреативно,  и кревањето на свеста и гласноста кај граѓаните преку граѓанските организации, конкретно за воздухот преку Здрава Котлина, даваат резултат и ние во период од две недели споредено со минатата година имаме намалување на аерозагадувањето за 50 проценти. Дали е тој патот по којшто треба да одиме апсолутно да, дали е тоа начин на кој што развиените градови и членки на ЕУ размислуваат апсолутно да, дали ќе продолжиме по тој пат да, дали може некој да не предомисли, не. Тоа е начинот како треба да имплементираме проекти и тоа е начинот како треба да гледаме на нашата аспирација за интеграција во европското семејство, изјави Костадинов.

Евроамбасадорот Рокас се заблагодари за топлото добредојде и за конструктивните разговори со градоначалникот Костадинов и со членовите на Советот на општина Струмица.

-Вие сте еден од најдобрите примери за искористување на Фондовите на ЕУ затоа што на тој начин се прави разлика во самото живење на вашите граѓани, дали таа разлика се прави во подобрување на животната средина преку напорите коишто се прават за изградба на велосипедски патеки, дали е тоа употребата на електричните автобуси или во други сфери како што е менаџирањето со цврстиот отпад, обезбедување на питка вода или за менаџирање на оскудните фондови кои понекогаш ги имаат самите општини, мислам дека сето ова претставува добар начин за менаџирање на една општина. Сега е време да се преземе лидерството од вашата општина и тоа што денеска го слушнав и видов во Струмица беше големо охрабрување за мене, изјави амбасадорот Рокас.

Градоначалникот Костадинов и неговиот гостин евроамбасадорот  Михалис Рокас прошетаа пеш и со еден од десетте електрични автобуси во централното градско подрачје.