Во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Струмица, а со финансиска поддршка од Шведска, од денеска во ООУ „Никола Вапцаров“ и Клон 6 на градинката „Детска радост“ се врши мерење на квалитетот на воздухот, што е прво вакво мерење и во општината и државата во затворени простории.
Мерењето и анализите ќе ги направи лабораторијата АМБИКОН при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип која е акредитирана за ваков вид на мерења. Мерењата ќе се направат во согласност со препораките на Светската здравствена организација и локалните специфики за квалитетот на воздухот, кои ќе вклучат повеќе анализи.
За да се утврдат сезонските флуктуации на концентрациите на одредени загадувачи примероците ќе се земаат во две фази – за време на студените месеци (ноември до март) и за време на топлите месеци (мај до септември). Програмите за земање примероци во секоја институција ќе опфаќаат период од најмалку една недела и ќе вклучуваат мерења направени пред, за време и по часовите. Факторите кои влијаат на квалитетот на воздухот во затворените простории (согорување на енергеси внатре во објектот, видови на мебел, опрема и слично) исто така ќе бидат документирани. Дополнително, ќе биде анализирана и надворешната средина, вклучително и близината до сообраќајници, индустриски извори на загадување и слично.
Паралелно на ова се врши мерење и анализа на квалитетот на воздухот на отворен простор за период од 12 месеци.
По добиените резултати, ќе се креира сет на препораки и мерки за унапредување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на најмладите. Мерките и активностите ќе бидат финансирани половина од програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска и другата половина од буџетот на општина Струмица. Во рамките на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ за кој ќе бидат донирани опрема од страна на проектот за одделенијата за инспекција и за одделението за заштита на животната средина. Активноста се води преку одделението за заштита на животната средина во склоп на секторот за Локален економски развој.