Во населеното место Вељуса во тек е изведбата на канализациониот систем. По населените места Дабиле и Просениково, ова е трет канализационен систем кој што се изведува во овој период во општина Струмица. Градоначалникот Коста Јаневски и претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски, денеска, извршија увид во градежните активности.
Ова е инвестиција којашто е поддржана од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во висина од 16.500.000 денари, а секако учествува и општина Струмица со проект и друга поддршка којашто е неопходна за реализација на ваков тип на проекти. Овој проект би требало да заврши до крајот на годината, веќе е изведено повеќе од 50 проценти од планираната динамика за овој период и ова е околу 75 проценти од целиот проект кој што треба да изнесува околу 11 километри. Нашата заложба за решавање на овие есенцијални проблеми во населените места ќе продолжи и понатаму и со сигурност можам да го најавам почетокот на изградбата на канализациониот систем во населеното место Банско којшто е исто така еден голем предизвик, веќе имаме проект направено, а готови проекти со техничка документација и одобрение за градба имаме и за населените места Градско Балдовци и Баница, рече градоначалникот Јаневски.