Костадинов: Подготвени сме  за уште едно успешно издание на Струмичкиот карневал

Костадинов: Подготвени сме  за уште едно успешно издание на Струмичкиот карневал

Градоначалникот Костадин Костадинов и претседателот на Организациониот одбор на карневалот, Александар Цицимов, на денешната прес конференција информираа за подготовките на годинашното издание на Струмичкиот карневал.

На една недела пред стартот на најпознатата и најмасовната манифестација на која сите ние заедно сме посебно горди, затоа што е европска и светска, а вековно наша,  сакам да споделиме со вас дека со Организациониот одбор сме подготвени за уште едно успешно издание на Струмичкиот карневал. Тоа значи дека сите неопходни и подготвителни активности течат според планираната динамика од страна на Општината како покровител на Карневалот, од Организациониот одбор, од поддржувачите и помагателите и секако најважните, оние кои ја негуваат вековната традиција, кои оваа манифестација ја прават исклучително уникатна, а тоа се нашите сограѓани кои со голем ентузијазам работат на своите маски, а кои ќе ги видиме во интернационалното дефиле на главната карневалска вечер. И годинава имаме солидна бројка на пријавени од 41 учесник, се разбира најголем дел се наши домашни учесници, а им се придружуваат и групни маски од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија и Грција и од повеќе градови во државата. И оваа година како гости ќе бидат присутни и претставници на FECC од неколку европски земји. Додадена вредност на годинашното издание е и вмрежувањето меѓу ученици од основни и средни училишта од различна етничка припадност при изработка на маските. Годинава вклучени се ученици од средното училиште „Моша Пијаде“ од Тетово, а заедничка маска подготвуваат и учениците од општинските основни училишта „Сандо Масев“ и „Маршал Тито“ од Струмица. Ова ни дава за право да бидеме убедени дека ќе имаме убава карневалска атмосфера, исполнета со прекрасни карневалски креации и со многу домашни и странски гости, рече градоначалникот Костадинов.

Тој им се заблагодари на сите кои останаа верни пријатели и поддржувачи на карневалот и останати кои несебично го помогаат истиот, а упати јавна покана до граѓаните на Македонија, соседните држави и пошироко, да бидат гости на главната интернационална карневалска вечер на 25 февруари, да го видат струмичко чудо, да ја почувствуваат гостопримливоста и да бидат сведоци на испишувањето на уште една страница од богата струмичка карневалска историја.

Претседателот на Организациониот одбор на карневалот, Александар Цицимов, ја презентираше богатата и разновидна програма којашто ќе се реализира во осумте карневалски денови.