Нови градежни зафати во населеното место Сачево

Нови градежни зафати во населеното место Сачево
Општина Струмица и денеска потврди дека и во летниот период успешно ги реализира активностите планирани во населените места за оваа година со средства од општинскиот буџет.
По Просениково, нови градежни активности започнаа и во населеното место Сачево, а таму беше и градоначалникот Костадин Костадинов со своите соработници. Во изјавата за медиумите тој рече дека со проектот за уредување на зелените површини се опфатени населените места Просениково, Градско Балдовци, Сачево, Куклиш и Вељуса.
-Гледаме рамномерно да ги развиваме населените места согласно приоритетите и потребите кои доаѓаат изворно од граѓаните, преку граѓански собири, форуми на заедниците, од секојдневните средби со нив што ги имам во Општината. Денеска сме во Сачево, поминавме во селскиот парк да го видиме во однос на преземените активности за поставување клупи и освежување на самиот парк.
Се работи и на селскиот канал којшто беше обраснат со многу трева и беше небезбеден за жителите на ова село, гледаме дека истиот се расчистува. Опфатена е и една дополнително поголема површина од околу 3 илјади метри квадратни која ќе биде уредена и упатувам јавна благодарност до младите жители на Сачево, кои ја прифатија иницијативата заеднички со Општина Струмица да засадиме дрвца и да го раззелениме овој убав простор во населеното место Сачево.
Со таквата грижа кон сите населени места продолжуваме и во иднина со најразлични активности. Во рамките на овој проект сега ги опфаќаме зелените површини, чистење на каналите и канавките, а потоа имаме уште еден проект кој се однесува на спортските игралишта таму каде што ги има, домовите на културата веќе ги реализираме, Куклиш е во фаза на распишување на втората јавна набавка за втора фаза за Домот на културата со што навистина потврдуваме и ставаме печат за грижата на Општината и советниците кон населените места, рече градоначалникот Костадинов.