Општина Струмица денеска ја одбележа 118-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Градоначалникот Коста Јаневски со членови на Советот положија свежо цвеќе пред споменикот на Делчев, а зборувајќи за неговиот живот и дело, истакна дека многумина, во различни периоди од нашата историја, се заслужни за слободарското сонце, но се чини дека Гоце Делчев се наоѓа на највисокото место од пиедесталот на македонскиот непокор. Токму затоа, името на Гоце Делчев и неговото дело, треба да ги чуваме како наше најголемо богатство.
Денес одбележуваме 118 години од еден од најтажните денови во македонската историја, од оној 4.мај 1903 година во кој загина апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Настан кој одекна како гром од ведро небо и низ македонските села и градови, но и на страниците на европските и светските весници и списанија. Згаснувањето на животот на најголемиот македонски син ја зави татковината во црно, а македонската почва беше натопена од солзите на младо и старо, на машко и женско, на сите оние кои будни сонуваа за ослободување од петвековното отоманско ропство, а токму во ликот на Гоце Делчев ја гледаа најголемата можност тој нивен сон да се претвори во јаве. Визијата на Гоце и македонскиот сон беа прекинати во селото Баница токму на денешен ден, пред еден век, една деценија и осум години, но и по толку многу време, болката предизвикана од големата загуба се уште пече и боли. Така ќе биде и во иднина, затоа што за Делчев никогаш ќе нема заборав. Тој секогаш ќе биде спастрен во најубавото место од меморијата на нашиот народ, а напишаното во таа меморија и понатаму ќе се пренесува од колено на колено, од генерација на генерација, од татко на син, од дедо на внук, рече Јаневски.