Со пригодна свеченост општина Струмица денеска ја одбележа 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. За животот и делото на најголемиот македонски син, пред неговиот споменик на истоимениот плоштад, зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.
„Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“. Така зборуваше тој – стожерот на македонското револуционерно движење, јунакот кого денес повторно го чествуваме, овојпат по повод 150 – годишнината од неговото раѓање. Љубовта и почитта кон него, но и љубовта и почитта кон татковината повторно не собраа пред овој споменик кој гордо се издигнува во центарот на Струмица, за да му се поклониме на најголемиот меѓу големите, на нашата гордост и гордоста на сите генерации Македонци, Гоце Делчев.
Никој не може да остави во македонскиот незаборав толку грандиозно револуционерно дело, и никој не може да го положи својот живот за македонските идеали, без пред тоа да се роди. Токму затоа, 4. февруари е датум кој е вечно врежан во македонскиот историски времеплов и во колективната меморија на македонскиот народ, рече градоначалникот Костадинов.