Општина Струмица денеска гордо и достоинствено ја одбележа 151 година од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Пред споменикот подигнат во негова чест, за животот и делото на Делчев зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов кој потенцираше дека Гоце за Македонија се бореше,
за Македонија ги негуваше своите социјалистички и револуционерни идеи и за истата таа Македонија го даде својот живот. Денес, кога одбележуваме 151 година од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, треба да знаеме, во вистинска смисла на зборот, да го почитуваме и негуваме неговото име и дело. Но со право треба да констатираме дека Гоце не се роди за да биде „монета за поткусурување“, ниту причина за повампирување на политички апетити и територијални претензии. Зарем оној кој го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите, заслужува да биде наметнат „камен на сопнување“ и омраза меѓу народите. Вистината за нашето минато и вистината за нашата сегашност нека ни го трасираат патот кон нашата убава иднина. Гоце Делчев, бездруго и во таа иднина ќе го има своето заслужено место во меморијата на нацијата и државата македонска. Нека ни е вечен споменот за раѓањето, животот и револуционерниот пат на најголемиот македонски син, рече градоначалникот Костадинов.
Во чест на Делчев, свежо цвеќе пред споменикот положија градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, претставници на Општинскиот сојуз на борците, политички партии, училишта и институции, а револуционерна поезија рецитираа ученици од училиштето во Вељуса. Во одбележувањето на 151-та годишнина од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, на градскиот плоштад кој го носи неговото име, свој влог дадоа и учениците од основните општински училишта во Струмица кои создадоа уметнички дела и ги изложија пред споменикот на тема „Учителот“.