Општина Струмица го затвора проблемот со сместувачките капацитети на децата од предучилишна возраст

Општина Струмица го затвора проблемот со сместувачките капацитети на децата од предучилишна возраст

Градоначалникот Коста Јаневски и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска извршија увид во градежните активности на доградбата во Клон 2 на градинката „Детска радост“ и новата градинка во касарната. И на двата објекта градежните работи се во завршна фаза. Со овие капацитети се обезбедуваат современи услови за згрижување и воспитување на уште 365 деца од предучилишна возраст.

Заложбата којашто општина Струмица од секогаш ја имала, еве сега се ефектуира на најдобар можен начин, бидејќи знаеме дека општината хронично страдаше од недостаток на капацитети за згрижување на најмалите категории наши сограѓани, знаејќи и имајќи во предвид дека раниот детски развој, воспитувањето на децата, социјализацијата во вакви установи коишто не се само занимални, туку се еден фундамент во едукацијата и основа во нивниот понатамошен психо – физички развој, се многу важни, се заложивме, направивме проекти и аплициравме секаде каде што можевме за да ги подобриме условите за згрижување на нашите најмлади сограѓани во овие установи. Со задоволство денеска гледаме еден од поголемите објекти, новата градинка во касарната со капацитет за 310 дечиња, бевме и во Клон 2 каде со еден дополнителен крак се зголемува капацитетот за уште 55 дечиња. Во изминатиот период направивме една сериозна реконструкција во Клон 4 каде условите се значително подобрени, за прв пат во нашата општина во населените места Куклиш и Муртино се отворија градинки, а од минатата година ги зголемивме и капацитетите за целодневен престој на 110 дечиња. Со овие неколку што ги спомнав и со интервенциите во другите клонови мислам дека општина Струмица конечно затвора еден предизвик, проблем со којшто се соочувавме години наназад, рече градоначалникот Јаневски.