Општина Струмица го одбележа 9. Мај – Денот на победата над фашизмот со пригодна свеченост којашто се одржа пред Споменикот на паднатите борци во НОАВМ во малиот градски парк. За значењето на овој ден зборуваше градоначалникот Коста Јаневски.
На денешен ден пред 76 години, со потпишувањето на безусловната капитулација на нацистичка Германија,официјално беше ставен крајн на Втората светска војна во која учествувале 61 земја со над две милијарди жители или 96 отсто од светското население. Македонија беше на страната на антифашистичката коалиција и во борбите против фашистичките окупатори даде околу 33. 000 жртви, меѓу кои се и седумте илјади Евреи кои за време на војната беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка. Поради сево ова нашата татковина, рамноправно со сите останати слободољубиви земји, го слави денешниов ден како Ден на победата над фашизмот. Денес кога одбележуваме 76 години од чинот кој означи победа на мирот над војната, треба да бидеме едногласни во пораката до светот, дека не можат и не смеат да се заборват грдите спомени од уривачките, крвавите и смртоносните настани кои ја одбележаа Втората светска војна. Злото треба да се памети и прераскажува за да ни биде опомена, никогаш да не се повтори. Нека ни е честит 9. Мај – Денот на победата над фашизмот, рече градоначалникот Јаневски.
По повод Денот на Европа, градоначалникот Јаневски засади дрвца во паркот на домашните миленичиња.