Општина Струмица е надлежна за Б-интегрирана еколошка дозвола, а за А-интегрирана еколошка дозвола надлежно е Министерството за животна средина

Општина Струмица е надлежна за Б-интегрирана еколошка дозвола, а за А-интегрирана еколошка дозвола надлежно е Министерството за животна средина

До општина Струмица во изминатиот период во повеќе наврати се поднесувани Иницијативи кое се однесуваат на вршење на вонреден инспекциски надзор над постројки и инсталации во сопственост на правни субјекти кои имаат А-интегирана еколошка дозвола.

Земајќи ги во предвид позитивните законски одредби од Законот за животна средина, каде се пропишани надлежностите на Општината, Градоначалникот и Општинскиот инспектор за животна средина согласно овој Закон, Ве известуваме за следното:

Согласно одредбите содржани во член 123 од Законот за животна средина, Орган надлежен за издавање на Б-интегрирана еколошка дозвола е Градоначалникот на општината.

Согласно одредбите содржани во член 201 од Законот за животна средина, Орган надлежен за вршење надзор во поглед на тоа дали субјектот поседува Б-интегрирана еколошка дозвола, дали се исполнети условите за Б-интегрирана еколошка дозвола и дали операциите во инсталациите се спроведуваат согласно добиената дозвола, е Општината преку овластениот инспектор за животна средина.

Согласно одредбите содржани во член 108 став 1 од Законот за животна средина, орган надлежен за издавање на А-интегрирана еколошка дозвола е органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина односно Министерството за животна средина и просторно планирање.

Согласно одредбите содржани во член 198 од Законот за животна средина, Орган надлежен за вршење надзор во поглед на тоа дали субјектот поседува А-интегрирана еколошка дозвола, дали се исполнети условите за А-интегрирана еколошка дозвола и дали операциите во инсталациите се спроведуваат согласно добиената дозвола, е Министерството за животна средина и просторно планирање преку државниот инспектор за животна средина.

Согласно Годишниот план за работа на Секторот за инспекциски работи на Општина Струмица за 2025 година и издадената Наредба од страна на Градоначалникот на општина Струмица со Бр.09-8293/1 од 18. 11. 2025 година, а со цел справување со ситуацијата на енормно загадениот воздух на територијата на општина Струмица од страна на општинските инспектори во континуитет се вршат вонредни и редовни инспекциски надзор над субјекти на надзор (правни и физички лица) со посебен акцент над инсталации кои поседуваат Б-интегирана еколошка дозвола и субјекти кои вршат спалување и несоодветно одложување и третирање на отпад.