Општина Струмица го подобрува амбиентот во основните општински училишта со проекти кои ќе им помогнат и на децата и родителите. Во денешната изјава за медиумите, градоначалникот Коста Јаневски, најави три проекти во оваа област. Тоа се проектите кои што содржат набавување на училишен прибор за деца чии родители имаат пониски примања или се приматели на социјална помош и сите оние проширени категории кои што ги опфаќа Законот за социјална и детска заштита.
Околу 820 дечиња ќе добијат бесплатен училишен прибор кој го финансира Општината, се надевам дека ќе биде значителна помош за децата и родителите. Втора година по ред општина Струмица финансира исто така еден убав проект, а тоа е набавка на училишни униформи за сите првоодделенци, околу 620 дечиња ќе добијат бесплатни униформи и еден нов проект кој го најавивме и минатата година, а ќе почне да се применува од оваа година, тоа е здрава ужинка за сите деца. Тоа подразбира здрав оброк, пред се овошје, кој што се надевам дека ќе ги поттикне и децата и родителите на здрави навики со секојдневното конзумирање на овошје. Сметаме дека кога дечињата се заедно, едни со други ќе се стимулираат за овие здрави навики, ќе ги пребродат предрасудите, ограничувањата или недоволно развиените навики за ваков тип на оброк. Овој проект ќе содржи уште неколку елементи кои што освен ужинката ќе ги учат децата како да го мијат овошјето, како да постапуваат со отпадот, што значи неколку компоненти се врзани во овој проект кој мислам дека ќе стимулира една убава навика кај нашите најмлади сограѓани. Се надевам дека овие три проекти ќе значат многу за нашата општина и дека ќе дадат стимул и во подобрувањето на резултатите на децата и во односот кон зачувување на здравјето и природата и се разбира ќе имаат материјално олеснување за родителите, рече Јаневски. Ужинка ќе добиваат сите 5.000 ученици од прво до деветто одделение во основните општински училишта.