Општина Струмица финасиски поддржа 26 проекти од граѓанскиот сектор за 2023 година

Општина Струмица финасиски поддржа 26 проекти од граѓанскиот сектор за 2023 година

Градоначалникот Костадин Костадинов денеска одржа средба со претставниците на Здруженијата на граѓани и Фондации чии проектни иницијативи добија финансиска поддршка од буџетот на општина Струмица за 2023 година. Тој го потенцираше задоволството од соработката со граѓанскиот сектор по трите јавни повици од програмите за Локален економски развој и туризам, Социјална заштита и Еднакви можности меѓу жените и мажите, информирајќи дека сите 26 доставени проекти се прифатени и вкупната буџетска поддршка изнесува околу 6 милиони денари.

-Струмица секогаш ја афирмира соработката со граѓанските организации бидејќи тие се не само коректор, туку и унапредувач на сите општински процеси и политики. Токму, овој денешен настан е чекор напред кон зголемување на транспарентноста во однос на тоа каде завршуваат граѓанските финансии, оти градоначалникот не ги финансира со пари од сопствениот џеб, туку со пари од буџетот на општина Струмица. Суштината на денешниот настан е да слушнеме директно од оние коишто добиваат финансии од општинскиот буџет за нивните цели, динамиката на реализација, за да можат и граѓаните преку медиумите да бидат запознати со процесите што ќе ги водат. Ова е афирмација на соработката со граѓанскиот сектор  и нормално дека таа ќе ја зголемуваме се во интерес на граѓаните, рече Костадинов.

Сите проекти од граѓанскиот сектор се компатабилни со општинските стратешки документи и приоритети во наведените области за оваа 2023 година.