Општинската зграда вечерва светна во портокалова боја, а градоначалникот Петар Јанков на жените и девојчињата коишто се соочуваат со насилство им порача дека не се сами.
Вака во Струмица започна Кампањата 16 дена активизам за борба против секаков вид насилство, со фокус на дигиталното насилство врз жените и девојчињата.
Градоначалникот Петар Јанков
рече дека борбата против насилството мора да биде постојана, одлучна и заедничка.
-Портокаловата светлина го означува нашиот колективен став: дека Струмица е град кој не го свртува погледот од проблемот, туку стои цврсто на страната на жртвите и во одбрана на нивните права.
Во наредните 16 дена ќе спроведеме низа активности: едукативни настани, информативни кампањи, трибини и работилници, со јасна цел да ги подигнеме свеста и знаењето за тоа што е дигитално насилство, како да го препознаеме и како да се заштитиме. Но и уште поважно, како општество да изградиме мрежа на солидарност, каде жртвите не се осудени на тишина, туку на поддршка.
Дозволете ми вечерва да упатам порака:
До жените и девојчињата кои се соочуваат со насилство — не сте сами.
До граѓаните — не молчете кога гледате неправда.
До институциите — да бидеме уште побрзи, уште похрабри и уште почувствителни во заштитата на секој човек.
Струмица отсекогаш била град на солидарност и напредок. Нека портокаловата светлина што светка од нашата општина биде потсетник дека тука секоја жена и секое девојче има право на живот без насилство, и дека тоа право ќе го браниме секој ден, не само во овие 16 дена, туку 365 дена во годината, рече градоначалникот Јанков.
Градоначалникот Јанков му се заблагодари на здружението ,,Скај Плус” за вложениот труд и хуманоста во борбата против насилството врз жените и најави продолжување на партнерството кое досега им помогна на многу жени.


