Петар Јанков од денеска и официјално е новиот градоначалник на општина Струмица. Досегашниот градоначалник Костадин Костадинов му ја предаде градоначалничката функција и значката со грбот на општина Струмица, по што и двајцата дадоа изјави за медиумите.
-Од денеска официјално сум иден градоначалник на општина Струмица и во периодот којшто следува, како што беше ветено во програмата, следува чесна и посветена работа за Струмица, рече Јанков.
Градоначалникот Јанков најави дека наредните денови ќе одржи средби со раководителите во општина Струмица и директорите на општинските јавни претпријатија на кои ќе разговараат за моменталната состојба, а од која зависи во кој правец понатаму ќе се движат активностите.
Досегашниот градоначалник Костадин Костадинов му посака плоден и успешен мандат на новиот градоначалник Петар Јанков.

-Навистина убава е божјата промисла кога еден мандат ми почнал на Света Петка и еве денеска го заокружувам. Света Петка е еден важен празник за мене, а секако и за струмичани што пушта порака на бериќет, прогресивност, одлучност, истрајност, трпение. Јас, денеска во мое лично име сакам да му честитам на мојот политички наследник како градоначалник на општина Струмица Петар Јанков, да му посакам плоден успешен мандат, многу храброст, истрајност и најважно од се трпение и автономност во одлуките за кои верувам и сум оптимист дека ќе бидат за доброто на сите во општина Струмица, рече Костадинов.


