Градоначалникот Костадин Костадинов со претседателот на Советот, Марјан Даскаловски, советници и претставници на Секторот за урбанизам, извршија увид во работите на повеќенаменското спортско игралиште во дворот на Домот на АРМ и заедно констатираа дека реализацијата на овој проект е во сериозна напредна фаза.
Веќе е подобрена земјишната подлога за работа на игралиштето, ставена е подземната инсталација, направени се бетонските огради со метални столбови на коишто треба да биде врзана оградната мрежа. Во моментов се работи на пробивање на пристапната улица до Домот на АРМ со што решаваме уште еден проблем во однос на безбедноста на пешаците, го затвораме стариот пристап до домот на АРМ и влезот за било какви потреби ќе биде од оваа улица којашто сега се реализира. По завршувањето на оваа фаза преминуваме кон асфалтирање на подлогата на игралиштето и во завршна фаза ќе биде поставувањето на акрилен премаз заради потребите на игралиштето со што го финишираме и овој значен проект за граѓаните на општина Струмица и реализираме уште едно ветување од предизборната програма со која сме излегле пред граѓаните и сме побарале поддршка. Општина Струмица е пример за тоа како се менаџираат општинските ресурси и средства, ова игралиште го реализираме со средства во износ, од 7.620.000 денари изворни средства на општината и пуштаме порака до цела Македонија како треба успешно да се менаџира со парите на граѓаните дури и во време на криза, рече градоначалникот Костадинов. Тој најави и рекреативен скејт парк за потребите на најмладата категорија струмичани на местото на фитнес зоната во паркот која е веќе дотраена, со што ќе биде заокружен еден цел спортски блок во центарот на Струмица.