Вчера и денес, пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Струмица, заедно со пожарникари и доброволци од регионот на Петрич, Република Бугарија, учествуваа на заедничка симулациска вежба која се одржа на браната „Иловица“, каде во реални услови, преку изведба на практични вежби, учесниците имаа можност да разменат искуства за успешно справување со катастрофи предизвикани од поплави и пожари.
При симулациската вежба, се користеше дел од опремата со која располага Територијалната противпожарна единица на општина Струмица, добиена од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка.
На оваа симулациска вежба и претходеше минатонеделниот настан во општина Петрич, Република Бугарија, на кој беа разменети искуства и добри практики од областа на превенцијата и справувањето со шумски пожари и поплави, а на кој учествуваа пожарникари и доброволци од општините Струмица и Петрич, при што се воспостави соработка и неформална мрежа меѓу пожарникарите и противпожарните територијални единици на двата града.
Овие активности се дел од проектот „Заштита на локалното население од општините Петрич и Струмица, од природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот” на Одделението за Меѓународна соработка и Европски фондови при Општина Струмица., финансиран од фондовите на Европската Унија преку ИНТЕРРЕГ – ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија.