Денеска во општина Струмица се поставени првите полуподземни контејнери од вкупно набавените 20. Два од нив се поставени кај големиот градски парк, каде што денеска беа и градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот и членови на Советот, директорот на ЈПКД „Комуналец“ Зоран Горгиев и други претставници од ова Јавно претпријатие.
Во изјaвата за медиумите, градоначалникот Костадинов потенцираше дека со полуподземните контејнери се прави уште еден чекор напред во заштитата на животната средина.
-Започнавме со поставување на првите полуподземни контејнери во насока на подобро управување со отпадот и заштита на животната средина, а сето тоа произлезено како барање од граѓаните и нивна забелешка дека на некои локации, посебно во централното градско подрачје, постоечките контејнери од 1 метар кубен не се доволни и отпадот треба да го оставаат до контејнерите.
Постапката за набавка заврши, имаме изведувач и благодарен сум од динамиката со која се имплементираат полуподземните контејнери. Со денешен ден на три локации завршуваме со поставување, а треба да поставиме уште 17 со капацитет од 5 метри кубни, што практично значи дека еден ваков контејнер заменува 5 постоечки метални. Многу е важно да се земе во предвид дека 70 проценти од контејнерот се наоѓа под земјата, обезбедени се сите можни сертификати од страна на изведувачот дека нема да има никакво негативно влијание во однос на почвата и животната средина. Сакам да најавам дека и во буџетот за наредната година ќе предвидиме набавка на дополнителни 20 контејнери со што практично би покриле огромен дел од градот Струмица, а тоа ни наметнува обврска да размислуваме и за населените места, но прво да затвориме таму каде што имаме и најголем притисок. Истовремено, би сакал да побарам и трпение од граѓаните затоа што во процес на јавна набавка преку „Комуналец“ е специјализираното возило за таквите контејнери со потребниот кран за подигање на специјализираните вреќи, но очекувам тоа да заврши до крајот на овој или почетокот на идниот месец со што ќе бидат целосно ставени во функција. Со ова заокружуваме или правиме чекор напред кон заштита на животната средина, кон позелена Струмица, рече градоначалникот Костадинов.