Првачињата од основните општински училишта станаа членови на Детската организација

Home / Вести / Првачињата од основните општински училишта станаа членови на Детската организација

Во големата сала на НУЦК „Антон Панов“, денеска, се одржа свеченост на која што првачињата од основните училишта во општина Струмица беа примени во Детската организација. Среќно зачленување во оваа најмасовна организација им посака градоначалникот, Коста Јаневски.

Ова што денес ви се случува е всушност дел од една традиција која е востановена од Организацијата на Обединетите нации, а е наречена „Детска недела“ која секоја година се организира во првата полна седмица од месец октомври. Оваа „Детска недела“ со разни активности се одбележува во сите земји на светот кои се членки на Обединетите нации, а круна на тоа одбележување е секако приемот во Детската организација. Вам, како и на сите деца од светот, без разлика дали се бели, црни или жолти, без разлика на кој јазик зборуваат и какви соништа сонуваат, им даваме до знаење дека се наше најголемо богатство, наша најголема гордост и радост, наша иднина. Она што треба да го знаете е дека сите имате еднакви права, кои се загарантирани со Конвенцијата за правата на детето, и дека сите ја заслужувате неопходната поддршка од сите нас за да имате еднакви можности. Ние мораме да знаеме дека светот останува на вас и дека наш предизвик е да ви помогнеме да ги спознаете вистинските вредности во животот. Во таа смисла, Општина Струмица и јас како ваш градоначалник, пријател и другар, ви ја гарантираме сета љубов и поддршка. Да сте ми живи, здрави, успешни, безгрижни и среќни. Нека ви е со со среќа зачленувањето во Детската организација, рече градоначалникот Јаневски.
По приемот во Детската организација, традиционално дел од првачињата го посетија и кабинетот на градоначалникот Коста Јаневски.