Прва конститутивна седница на новиот Совет на општина Струмица

Прва конститутивна седница на новиот Совет на општина Струмица
Денеска се одржа првата конститутивна седница на новоизбраниот Совет на општина Струмица на којашто беа верифицирани мандатите на новите членови, а за претседател беше избран д-р Никола Маџунков.
Седницата ја започна највозрасниот член на Советот д-р Анкица Ангова, а ја продолжи новоизбраниот претседател, Никола Маџунков.
Честитајќи им го изборот, градоначалникот Петар Јанков на членовите на новиот Совет им посака успешна, одговорна и чесна работа.
-Денес започнуваме ново поглавје во работата на нашата Општина. Пред се, дозволете ми искрено да се заблагодарам на претходниот состав на Советот за вложениот труд, за сите донесени одлуки, за соработката и посветеноста во изминатиот период. На новиот состав на Советот му посакувам успешна, одговорна и чесна работа. Очекувам ова да биде Совет во кој нема да има поделби и опструкции, туку дијалог, почит и заедништво. Вие, исто и јас како градоначалник, сме избрани со иста цел, да ја направиме нашата Општина подобро место на живеење. Граѓаните не очекуваат препукувања, туку резултати, не партиски ботови, туку конкретни решенија. Она што се ветуваше за време на кампањата, сега треба да се покаже на дело. Струмица заслужува развој, подобрување на стандардот на граѓаните, унапредување на стопанството, образованието, инфраструктурата, културата и спортот. Вашата работа мора да биде транспарентна, отворена и достапна за сите граѓани. Секој ваш потег треба да биде воден од јавниот интерес, а секоја одлука да биде донесена во целосна одговорност и отчетност. Само така ќе ја вратиме и зајакнеме довербата во локалната власт. Верувам дека ако работиме искрено и одговорно, ќе покажеме дека може да се води локална самоуправа со визија и резултати. Ви посакувам успех во работата и мудрост во одлуките што ќе ги донесуваме во интерес на сите граѓани. Секоја генерација советници придонесува на свој начин за развој на Општината, затоа оваа нека биде запаметена по многу успеси, рече градоначалникот Јанков.
Новизбраниот претседател на Советот на општина Струмица, д-р Никола Маџунков, се заблагодари за укажаната доверба и од граѓаните и од советниците и потенцираше дека таа за него значи голема одговорност.
-Во идниот мандат ќе се трудиме Советот на општина Струмица да го доближиме што повеќе до граѓаните, да бидеме потранспарентни, подемократски, да воведеме модерни решенија во однос на дигитализација за да може граѓаните да бидат поблиску до Советот, да поставуваат прашања, да доставуваат предлози и да бараат решенија, рече претседателот Маџунков.
На денешната конститутивна седница беа избрани и претседателите и членовите на постојните комисии на Советот на општина Струмица.
На седницата присуствуваа Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков, претставници на верски заедници, актуелни и поранешни пратеници, советници, директори и гости.