Градоначалникот Костадин Костадинов, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Рената Младеновска, денеска го отворија инклузивното игралиште во клонот 3 на градинката „Детска радост“ во Струмица и поделија дополнителни играчки на дечињата.
Пуштањето во употреба на инклузивното игралиште е плод на одличната соработка помеѓу општина Струмица и министерството за труд и социјална политика. Таквата симбиоза меѓу локалната и централната власт во минатото беше мисловна именка, за разлика од тогаш, сега општина Струмица пред неколку месеци ја пушти во употреба новата од темел изградена градинка, најголема во државата и прва нова градинка во Струмица после 40 години, а тоа е градинката „Виножито“. Покрај добрата соработка и ангажманот на министерството за труд и социјална политика и на Светска банка, и ние како Општина имавме обврски од кои само за инфраструктурата околу градинката вложивме 20 милиони денари од изворниот буџет. Сакам да ги запознаам граѓаните дека во соработка со Бирото за рамномерен регионален развој имаме добиено проект за пробивање на нова сервисна улица која не само што е важна за новата градинка, туку и за граѓаните кои живеат во населбата Касарна, рече Костадинов. Министерката Јованка Тренчевска во своето излагање посочи дека особено е запазена социјалната компонента во градинките и можноста на секое дете да биде вклучено во детската игра.
Како Министерство се залагаме секое дете да добива соодветна грижа и услови за соодветен раст и развој, затоа се градат се повеќе градинки, се зголемуваат капацитетите со цел секое дете да има можност да биде дел од предучилишното воспитание и образование, рече Тренчевска.