Свечена седница на Советот на Општина Струмица по повод Денот на заштитниците на Струмица – Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици

Свечена седница на Советот на Општина Струмица по повод Денот на заштитниците на Струмица – Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици

Денес, во големата сала на НУЦК „Антон Панов“, се одржа традиционалната Свечена седница на Советот на Општина Струмица, со која беше одбележан Денот на заштитниците на Струмица – Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици. За значењето на празникот, за улогата на свештеномачениците во зародишот на христијанството во нашиот град, како и за денот на нивното погубување, зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов. Тој во својот говор, покрај другото, се осврна и на одредени белези на актуелното време, и притоа истакна: „ Почитувани поклоници на овој ден и на светиите кои ги празнуваме, нели е време да се запрашаме, колку сме ние денес просветлени, и што сме сториле за да ја доживееме состојбата на полна хармонија на духовното и телесното во спознавањето на себеси. Знаеме ли кои сме, која е нашата улога во веков, светов и животот кој го живееме, и дали сме достојни да бидеме негувачи и продолжувачи на вистинските вредности? Колку сме кадарни да им се спротивставиме на сите искривоколчени критериуми, норми, сфаќања, вреднувања, ставови и слично ? Дали сме доволно доблесни да си признаеме дека се повеќе се претставуваме за тоа што не сме? Зошто богољубието, човекољубието и вистинољубието многумина ги ставаат во подредена улога на сметка на себељубието, среброљубието, властољубието и лагата како главна алатка на денешнината за некакво напредување во животот и кариерата? И конечно, зошто ги глорифицираме и им се поклонуваме на „производите“ на луѓето со медиокритетски дострели, претставувајќи ги за високи достигнувања, а ги премолчуваме или проголтуваме вистинските успеси и вредности. Стана непишано правило да не ги сакаме успешните луѓе и да се апстрахираме од оние кои во лице ни ја кажуваат вистината, особено ако тие луѓе не се дел од нашата идеолошка „фела““. На свечената седница беа доделени и Годишните награди на Општина Струмица, како и наградата за животно дело. Со годишна награда „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“ се здобија: Љупка Вртева (техничка култура и наука), Томе Ментинов (култура и уметност), Ресторан „Бонита“ (угостителство), Ивана Мазнејкова (култура и уметност), Тимо Комаров (крводарителство и хуманост), Иван Кукиќ (култура и уметност) и Иван Козарев (образование и наука), а наградата за животно дело му припадна (постхумно) на естрадниот вокален уметник Гоце Арнаудов. Во рамките на свеченоста, меѓу другото, се случи и првиот настап на новоформираниот Октет „Струмица“.