Денес во струмичкиот Дом на АРМ од страна на ООУ,,Маршал Тито” се одржа пригодна свеченост по повод претстојниот празник на турската заедница – 21 Декември, Ден на наставата на турски јазик.
На настанот присуствуваше заменик градоначалникот на општина Струмица Елена Магеровска Паликарова која од името на градоначалникот Костадин Костадинов им се обрати на присутните. Таа во своето обраќање меѓу другото истакна: „ Одбележувањето на овој ден се совпаѓа со еден исклучително значаен јубилеј – осум децении од почетокот на наставата на турски јазик во Струмица. И кога зборуваме за нашиов град, тогаш мора да истакнеме дека тој претствува вистински пример во целата наша држава, како во поглед на наставата на турски јазик, така и во чувањето, негувањето и унапредувањето на заедништвото меѓу Македонците и Турците во нашава заедница.
Сето тоа е резултат на беспрекорната меѓусебна почит која трае многу одамна, почит со која сме ги срушиле сите постоечки и можни бариери. Така било, така е, а ќе се погрижиме заеднички така да остане и за вечни времиња. Денот на настава на турски јазик, кој е единствен национален празник на Турците во Република Северна Македонија, а од 2007 година е и неработен ден за нашите сограѓани – Турци, е исто така предмет на нашето целосно внимание и почит“.
На свеченоста присуствуваа и Ибрахим Јашар – заменик аташе за образование при Амбасадата на Република Турција во Република Северна Македонија, претставници на канцеларијата на турската агенција за развој и соработка – ТИКА , како и Тахсин Ибрахим – претседател на Сојузот на турски невладини организации во Северна Македонија – МАТУСИТЕБ.