Се одржа чествување по повод 152-годишнината од денот на раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.

Се одржа чествување по повод 152-годишнината од денот на раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.
Денес, пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад во нашиот град, во организација на Општина Струмица, се одржа чествување по повод 152-годишнината од денот на раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.
Пригоден говор за животот и делото на Делчев одржа градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов. Тој меѓу другото истакна: „Да се родиш, а никогаш да не умреш. Тоа може да им појде од рака само на големите луѓе, на оние кои во текот на својот живот успеале да остават неизбришливи траги со своето делување, траги врз кои почива нивното безвременско дело кои ги прави бесмртни ликови. Ретки се таквите луѓе кои ги има и кога ги нема.
Ретки се оние кои и по нивната смрт продолжуваат да живеат во колективното паметење на генерациите по нив, а ќе живеат и понатаму за вечни времиња. Таков бесмртен лик на тлото по кое чекориме е најголемиот македонски син, стожерот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, кој се родил на денешен ден – 4 февруари, во далечната 1872 година“.
По пригодниот говор, градоначалникот и претставници на Советот на Општина Струмица, како и претставници од политички партии и институции положија свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, а ученици од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ одржаа рецитал во чест на апостолот на македонското револуционерно движење.