Денеска се одржа 49-та седница на Советот на општина Струмица на која членовите без забелешки ги усвоија кварталниот извештај за извршување на Буџетот на општина Струмица за четвртиот квартал од 2024 година, годишниот извештај на општина Струмица за 2024 година, предлог – завршната сметка на Буџетот на општина Струмица за 2024 година, извештаите по општинските програми и извештајот за работата на Територијалната професионална противпожарна единица – Струмица за 2024 година. Беше усвоен и предлог – Буџетскиот календар за подготовка и донесување на Буџетот на општина Струмица за 2026 година.
На предлог на градоначалникот Костадин Костадинов беше донесена одлука за разрешување на претседателот Александар Цицимов и членовите на Организациониот одбор на Карневалот, а исто така на негов предлог истите се прогласени за почесен претседател и почесни членови, без двајцата членови од Советот. Новите членови на Организациониот одбор ќе се бираат на Јавен повик и како што истакна градоначалникот, време е да го отвориме карневалот и да овозможиме секој млад или возрасен струмичанец, локал патриот да придонесе за уште подобро издание на струмичкиот карневал.
На денешната седница беа усвоени и предлог одлуките за за утврдување потреба од кофинансирање за изработка на Проектна документација за изработка на фекален колектор за спроведување на отпадните води од с.Просениково и с.Дабиље до пречистителна станица за отпадни води на град Струмица, за утврдување на приоритет и сопствено учество на Проект за „Изградба на Дом на Култура во с. Куклиш Општина Струмица – Трета фаза“ и за утврдување потреба од кофинансирање за проект „Модернизација на регионот- набавка на специјализирани возила“ (за потребите на ТППЕ Струмица).
Зелено светло добија и извештаите со годишна сметка и финансов извештај за 2024 година на јавните претпријатија „Комуналец“, „Струмица – Гас“, „Паркиралишта – Струмица“, „Струмица – Транспорт“, „Стационар – Лана“, градинките „Детска радост“ и „Виножито“, како и извештајот за работата на Општинската јавна установа –Отворен граѓански универзитет „Јоска Свештарот“ за 2024 година и измената на Годишен план за вработување на ООУ „Маршал Тито“ Муртино за 2025 година. За тројца граѓани на општина Струмица беше донесена одлука за доделување на парична помош во висина од 60.000 денари.