Советот на општина Струмица на денешната петта седница го усвои Буџетот на општината за 2026 година. Тој тежи 1.700.629.296,00 денари, од кои средствата во основниот буџет се во износ од 796.585.239,00 денари или 46,84 проценти, во блок дотациите 821.863.057,00 или 48,33, во самофинансирачки активности на буџетски корисници 38.191.000,00 или 2,26 и 43.990.000,00 денари се однесуваат на донации или 2,57 проценти.
Градоначалникот Петар Јанков образложувајќи ги буџетските ставки и одговарајќи на секое советничко прашање и предлог, рече дека Буџетот е правен да ги задоволи потребите и интересите на сите категории граѓани и во сите области од општествено – економскиот, социјалниот, образовниоти културно – спортскиот живот.
Дел од средствата во основниот буџет за вкупно 14 проекти во висина од 158.482.707,00 денари се дел од грантот од Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој.
На денешната седница беа усвоени и одлуката за извршување на буџетот за 2026 година, Програмата за работа на Советот, одлуката за резервирање средства за експропријација во буџетот, Програмите на општина Струмица, извештаите и програмите за работа на општинските јавни претпријатија и одлуки од делокругот на нивното работење, Програмата за работа на библиотеката „Благој Јанков Мучето“, Програмата за подготовка и реализација на Струмичкиот карневал 2026 и извештајот за работата на ОИК Струмица за организација и спроведување на Локални избори одржани на 19 октомври 2026 година, како и одлуката за определување на висината за надоместокот и начинот на исплата на изборните органи ангажирани на изборите.
Советниците дадоа зелено светло и за одлуките за ослободување од плаќање надомест за престој на деца на самохрани родители и од згрижувачки семејства во градинките „Детска радост“ и „Виножито“, за доделување еднократна парична помош на семејства со прваче, за еднократна парична помош за новороденче, за субвенционирање на сметките на гас за домаќинствата и надоместокот за приклучување на дистрибутивниот гасоводен систем, сите за 2026 година. Усвоени се и одлуките за прифаќање на донација за Мултифункционален терен за ракомет, фудбал и кошарка и за измена на одлуката за авто такси превоз на подрачјето на општина Струмица.
На седницата беше прифатено решението за верификација на мандатот на Лилјана Јешменова Стојановиќ за член на Советот на општина Струмица.
На дневен ред беше и предлог заклучокот: граѓаните на општина Струмица одбиваат изградба на капацитети за сместување или сместување на било кој друг начин на баратели на азил одбиени од Велика Британија на територијата на општина Струмица.



