Со засадување на нови садници на тротоарот на булеварот „Ленинова“ пред зградата на Судот, денеска во Струмица започна обновувањето на дрворедите.
Првите садници ги засадија градоначалникот Костадин Костадинов, членови на Советот на општина Струмица, Младинскиот совет и средношколци од трите средни општински училишта.
-Целата иницијатива започна заедно со Катја и Филип при реализацијата на велосипедската патека. Знаевме дека имаме и непланско насадени дрвца и растенија коишто не беа компатибилни за дрвореди и правеа штети и на тротоарите и на улицата и истите моравме да ги исечеме. Но, направивме многу добар договор со Катја, Филип и со сите средношколци да на секое исечено дрво се засадат 10 нови, но не во планина, туку долж булеварите во општина Струмица, тоа и се случува. Во денешното садење имаме 150 растенија коишто имаат корен што не се шири, туку оди централно кон земјата и ќе бидат компатибилни со инфраструктурата во општина Струмица. Секако дека процесот на зазеленување во урбана Струмица таму каде што најмногу и ни фали продолжува оти само на тој начин со партиципативност, во конкретниот случај на средношколците, но и повозрасни кои може да партиципираат во креирањето на локалните политики, ја јакнеме демократијата во општина Струмица и секако си ја правиме Струмица заедно со населените места уште поубаво место за живеење. Нека ни се со среќа новите дрвца во Струмица, рече градоначалникот Костадинов.