Со богата програма и многу забава Струмица ги живее годинашните карневалски денови. Прекрасните креации и расположените домаќини и гости, уште на традиционалниот маскенбал којшто се одржа во хотелот „Сириус“ најавија уште едно прекрасно карневалско издание кое кулминираше на главната карневалска вечер, кога на полниот плоштад и улици продефилираа 35 маскирани учесници од земјата и 11 од странство.
Вчера на големиот празник Прочка се одржа детскиот карневал кој поради дождот беше преместен во подземната гаража, а тоа не беше проблем најмладите да блеснат во своите маски.
На денот на одржувањето на главната карневалска вечер, градоначалникот Костадин Костадинов најави на седница на Совет разрешување на сите членови на Организациониот одбор на карневалот, затоа што нашиот карневал е составен дел на нашиот идентитет и никој ама баш никој нема право да го чепка, разурнува или да прави груби обиди за партизација. Новите членови ќе се бираат по пат на Јавен повик на кој ќе можат да се пријават луѓе, локал патриоти вљубеници во културата, млади кои сакаат да го градат духот на карневалот така како што заслужува Струмица.
На денешната карневалска програма е објавувањето на резултатите за најуспешните маски од главната карневалска вечер, традиционалното варење на бел грав на градскиот плоштад и отворањето на изложбата на карикатури и афоризми и доделување награди од наградниот конкурс.