Преку Интеррег програмата „Грција – Северна Македонија 2021–2027“ ќе се постават 8 брзи полначи за електрични возила, фотоволтаици и електричен мини автобус за јавен превоз.
Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, кој е и претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, денеска заедно со министерот за локална самоуправа Златко Перински и в.д. директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Јован Коцев, на прес-конференција го промовираа проектот „Зелено за добро“.
Проектот се реализира во рамки на Програмата за прекугранична соработка Интеррег ИПА „Грција – Северна Македонија 2021–2027“ и има за цел да ја зајакне соработката меѓу двете земји преку мерки поврзани со обновлива енергија, одржлива мобилност и подобрување на урбаната средина. Во рамки на активностите се предвидени и едукативни кампањи за подигање на јавната свест за заштита на животната средина.
„Струмица отсекогаш поддржува вакви проекти – за зачувување на животната средина, намалување на загадувањето, одржување на зелени урбани површини и подобрена мобилност на граѓаните кои користат превоз што не емитува штетни гасови. Со тоа што е прекуграничен проект се потврдува дека екологијата не познава граници и сите заедно треба да наоѓаме идни решенија. Посакувам успешна реализација на проектот од кој бенефит ќе имаат граѓаните во целиот регион“, изјави градоначалникот Јанков.
Во рамки на проектот „Зелено за добро“ планирано е поставување на осум станици за брзо полнење на електрични возила во прекуграничниот регион – шест во Југоисточниот плански регион и две во Солун и Терми. Дополнително, предвидена е набавка на електричен мини автобус за јавен превоз во Терми, како и поставување фотоволтаични системи на повеќе локации во двете земји.


