Струмица – Град на безбедни млади велосипедисти: 100 Вело Легитимации и заштитни кациги доделени на деца во рамки на програмата „Вело Безбедност“

Во рамки на проектот „Струмица – Вело Град“, денес беше претставена и успешно завршена првата програма од ваков вид во државата – „Вело Безбедност“, насочена кон развој на сообраќајна култура и безбедност на најмладите велосипедисти. Преку оваа иницијатива, 100 деца добија Вело Легитимации – симбол на успешно завршена обука, а на сите учесници им беа доделени и заштитни кациги, како потсетник дека безбедноста секогаш треба да биде на прво место.

Во програмата учествуваа 100 ученици од шесто одделение кои во текот на 9 дена поминаа низ детална теоретска и практична обука за сообраќајни правила и велосипедски вештини, по специјално подготвен Прирачник за велосипедско и сообраќајно образование, изготвен според условите и сообраќајната реалност на улиците во Струмица. Овој прирачник ќе биде доставен до сите основни училишта во општината, со цел да се поттикне континуирана едукација и одржлива велосипедска култура.

Во Испитниот центар во Струмица беше спроведена финална проверка на знаењата и вештините на учениците, каде над 70% од учесниците постигнаа повеќе од 80 поени од вкупни 100, што говори за сериозноста и посветеноста на децата кон оваа програма. Особено беа истакнати учениците кои освоија максимални 100 поени.

На настанот Градоначалникот Костадин Костадинов упати повик за одговорно однесување во сообраќајот кон сите учесници, со посебен акцент на безбедноста на децата, кои согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (член 273), имаат право самостојно да управуваат велосипед од навршени 10 години.

Како дел од програмата, пред почетокот на забавниот дел, сите велосипеди беа подложени на технички преглед – проверка на сопирачки, гуми, светла, ланец, менувачи, седишта и други сигурносни елементи. Ова е уште еден доказ за посветеноста на Општина Струмица да осигура максимална безбедност и подготвеност на младите велосипедисти.

На крајот од настанот, беше испратена порака до сите деца и родители:
„Користете велосипед секојдневно, почитувајте ги сообраќајните правила и секогаш носете заштитна кацига. Поттикнувајте ги и возрасните да возат велосипед – затоа што во Струмица, сè е блиску!“