Струмица ја одбележа 20-годишнината од загинувањето на македонскиот претседател Борис Трајковски

Струмица ја одбележа  20-годишнината од загинувањето на македонскиот претседател Борис Трајковски

Денес, пред споменикот „Македонија“ во струмичкиот градски парк, во организација на општина Струмица, се одржа чествување на ликот и делото на вториот македонски Претседател Борис Трајковски, а по повод 20-годишнината од неговото трагично загинување.

Пригоден говор за Претседателот Трајковски одржа градоначалникот Костадин Костадинов, кој меѓу другото истакна:

„Ете таков беше Претседателот Трајковски, обичен човек со обичните луѓе и посветен државник со државниците од целиот свет. Клучна беше неговата улога во 2001 година кога со мудра одлука и негово авторство на Охридскиот рамковен договор ги спречи понатамошните крвопролевања од воениот конфликт, кој се закануваше да прерасне во стравична војна од пошироки размери, налик на оние од другите простори на поранешна Југославија.  Вреди да се каже дека неговите државнички активности беа насекаде препознаени и високо вреднувани од меѓународната јавност, па така, во 2002 година, Претседателот Трајковски ја добива титулата „почесен витез“ од англиската кралица Елизабета Втора“.

Свежо цвеќе пред споменикот положија членови на семејството Трајковски, градоначалникот Костадинов и членови на Советот на општина Струмица , како и претставници на политички партии и институции, а пригоден рецитал одржаа членови на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ – Струмица.