Струмичките херои се вратија од спасувачката мисија во Турција

Струмичките херои се вратија од спасувачката мисија во Турција

Осумте пожарникари од ТППЕ Струмица ноќеска по полноќ се вратија од спасувачката мисија во Турција каде учествуваа во спасувањето на преживеани луѓе во градот Адијаман едно од најпогодените подрачја од катастрофалниот земјотрес. Со особена чест и почит пред општинската зграда ги пречека градоначалникот Костадин Костадинов, кој споделувајќи ја гордоста за храброста и пожртвуваноста на струмичките херои им приреди специјален прием во неговиот кабинет и им врачи признанија.

Поклон до земја од мое име прво како човек, а потоа како градоначалник. Тие покажаа невидена хуманост и заминаа на долг и неизвесен пат за да спасат човечки живот. Тие се гордост на Струмица и потврда дека нашиот град има луѓе кои се подготвени и специјализирани да одговарат на такви големи природни катастрофи, рече градоначалникот. Тој ги награди осумте пожарникари со по една просечна плата за нивната пожртвуваност, а на сите пожарникари на ТППЕ Струмица им подари бесплатен паркинг на територијата на Општината до крајот на нивниот работен век.