Во скоро сите училишта, во текот на летниот период беа реализирани активности за подобрување на условите за реализација на воспитно-образовниот процес во новата учебна година. Во ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса извршена е реконструкција на фасада на задниот дел од училишната зграда со површина од 470 метри квадратни. Во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле поставен е порамнителен слој во една училница и во канцеларијата на секретарот и поставување на ламинат во овие простории, набавка на смарт табла, белење на ходниците во училиштето и санација на ѕидовите.
Во ООУ „Сандо Масев“ извршено е варосување на цокле во централното училиште низ сите училници, целосно белење и обновување на внатрешен ентериер на ходниците во централното училиште, лакирање на паркетот во спортската сала, санација и обновување на кошаркарското игралиште во централното училиште, целосно белење и обновување на сите тоалети во централното и санирање на тоалетите во подрачното училиште во Баница. Во ООУ „Маршал Тито“ од Струмица извршено е брусење на стар паркет во три училници и мал ходник, лакирање и полирање, реконструкција на фасадата на југоисточниот дел на училиштето со поставување на термофасада и реконструкција на под во една училница. Во ООУ „Видое Подгорец“ извршено е обновувањето на цоклето во ходниците со специјална мрсна боја, поставување на термофасада на училниците за учениците од прво одделение и уредување на патеката до овие училници со поставување на бекатон плочки. Во ООУ „Даме Груев“ од Куклиш направена е промена на под во 2 училници и поплочување на патеката до училиштето. Во ООУ „Никола Вапцаров“ извршено е белење на училниците и ходниците во централното училиште, како и во подрачното училиште и се заменети казанчиња, чешми и писоари во ученичките тоалети. Во ООУ „Маршал Тито“ од Муртино извршено е санирање на влага, поставена е линија за парно греење и заменета електричната инсталација во подрачното училиште во Банско, поставени се нови табли за кошаркарско игралиште и завршено опремувањето на ракометното игралиште во Муртино. Во ООМУ „Боро Џони“ се набавени УВ прочистувачи на воздух во секоја училница и извршено е генерално чистење на училишната зграда. Во СОУ „Јане Сандански“ комплетно е завршено белењето во училиштето и делови на фасадата, санирани се кошевите на кошаркарското игралиште, извршено е механичко чистење на училиштето и адаптирана е просторија за аеробик, гимнастика и пинг понг (белење, промена на прозорци, поставување ламинат). Во СОУ „Никола Карев“ се вршат подготвителни активности за изработка на подвижна трибина во училишната спортска сала и реконструкција на соблекувални (водовод, плочки, санитарии) во спортската сала.