Денес, пред споменикот „Македонија“ во струмичкиот градски парк, во организација на Општина Струмица, се одржа чествување по повод 68-годишнината од раѓањето на вториот македонски Претседател Борис Трајковски.
За животот и делото на државникот и сограѓанинот Трајковски зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов кој во својот говор, меѓу другото, истакна: „Борис Трајковски го имаше во себе златниот универзален клуч кој ги отвора сите порти. Претседателот го знаеше добро познатиот и испробан рецепт кој вели дека проблемите треба да се постават врз постулатите на дијалог, доверба и толеранција. Тој рецепт знаеше и да го примени, притоа ставајќи се самиот себе и како влог, и како заложник, и како гаранција на страната на вистината, во спрега со вистинољубивоста и со безрезервната преданост на силната верба во човековата вредност, без разлика на неговата национална припадност, политичка ориентација или верска определба“.
Членови на семејството Трајковски, градоначалникот Костадинов, претставници од Советот на општина Струмица, како и претставници на политички партии и институции, положија свежо цвеќе пред споменикот „Македонија“ , а членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ кажуваа пригодни стихови во чест на Претседателот Трајковски.