Врз основа на член 50 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/02 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/24), а во врска со членот 8-ѕ од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/04, 127/06, 114/09, 83/10, 140/10, 17/11, 53/11, 6/12, 23/13, 120/13, 163/13, 187/13, 42/14, 112/14, 166/14, 44/15, 97/15, 124/15, 129/15, 193/15, 37/16, 71/16, 64/18, 140/18 и 163/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19, 67/22, 170/24, 3/25, 17/25 и 101/25) и Правилникот за постапката и програмата за полагање на испитот за добивање на сертификат за автотакси возач, формата и содржината на записникот за положен испит и на сертификатот за авто-такси возач („Службен Весник на Република Северна Македонија“ бр.126/19), Градоначалникот на Општина Струмица го објавува следниот:
ЈАВЕН ПОВИК
за пријавување на кандидати за полагање на испит за добивање на сертификат за авто-такси возачи во ОПШТИНА СТРУМИЦА
– термини за 2026 година –
- ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
1.1. Предмет на јавниот повик е пријавување на кандидати за добивање на сертификат за авто-такси возачи во Општина Струмица.
1.2. Кандидатите за полагање на испит за добивање на сертификат за авто-такси возач треба претходно да имаат завршено обука за авто-такси возач и за истата да им е издадена Потврда за завршена обука од правни лица за вршење на обука овластени од Градоначалникот на Општина Струмица.
1.3. Трошоците за обука и за издавање на сертификатот за авто-такси возач во Општина Струмица, сè на товар на пријавените кандидати.
- ПРАВО НА УЧЕСТВО
2.1. Право на учество на јавниот повик имаат физички лица кои:
– поседуваат Потврда за завршена обука за авто-такси возач, издадена од правно лице овластено од Градоначалникот на Општина Струмица, за стручно оспособување на кандидатот и
– поседуваат валидна возачка дозвола (Б категорија), издадена од Република Северна Македонија.
- ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВА
3.1. Кандидатите од точка (2) поднесуваат образец – Пријава во архивата на Општина Струмица (на 1-ви кат) , ул.„Сандо Масев“ бр.1, Струмица. Пријавата може да се подигне од просториите на Општина Струмица или да се превземе електронски од www.strumica.gov.mk.
3.2. Кон пријавата, задолжително се доставуваат прилози:
– Потврда за завршена обука за авто-такси возач во Општина Струмица (во оригинал или заверена копија од нотар), издадена од правно лице овластено за вршење на обука од Градоначалникот на Општина Струмица;
– копија од лична карта/пасош;
– копија од возачка дозвола („Б“ категорија) и
– доказ за платени административни такси (уплатни сметки во прилог на Пријавата).
3.3. Рокот за пријавување на кандидатите за полагање на испит за добивање на сертификат за авто-такси возачи е најдоцна 1 (еден) ден пред закажаниот термин на одржување на испит.
3.4. Доколку кандидатот не ја достави комплетната документација, пријавата ќе се смета за некомплетна и нема да му се дозволи полагање на испитот.
- ТЕРМИНИ И ПОСТАПКА ЗА ПОЛАГАЊЕ
4.1. Датуми за одржување на испити:
– 27 јануари 2026 година;
– 05 и 24 февруари 2026 година;
– 03 и 24 март 2026 година;
– 02 и 23 април 2026 година;
– 07 и 21 мај 2026 година;
– 18 јуни 2026 година;
– 07 јули 2026 година;
– 06 август 2026 година;
– 03 септември 2026 година;
– 01 и 27 октомври 2026 година;
– 05 и 24 ноември 2026 година;
– 01 и 22 декември 2026 година.
4.2. Испитот ќе го спроведе Комисија за полагање на испит за авто – такси возач, формирана од Градоначалникот на општина Струмица.
4.3. Испитите ќе се одржуваат во просториите на Општина Струмица, поранешен Дом на АРМ, со почеток во 15:00 часот. Кандидатот задолжително со себе да понесе документ за лична идентификација.
4.4. Испитот нема да се одржи во определениот термин доколку за истиот се пријавиле најмногу до 3 (три) кандидати, при што испитот задолжително ќе се одржи во наредниот термин. Комисијата може да закаже односно, презакаже полагање на испит и во друг термин од веќе предвидените, доколку за испит се пријават поголем број на кандидати, поради оправдани или други причини.
4.5. Во случај на промена на датумот и времето на одржување на закажаниот термин за испит или други оправдани причини, Комисијата ќе ги извести пријавените кандидати за утврдените измени.
4.6. Испитот се спроведува во времетраење од 120 минути и се состои од теоретски дел, кој се полага писмено во форма на тест составен од 45 прашања од областите: познавање на градот Струмица и населените места во општина Струмица, прописите кои ја регулираат безбедноста на сообраќајот на патиштата, превоз во патниот сообраќај, такси превозот и превозот на патници. Се смета дека испитот го положил оној кандидат кој постигнал најмалку 60% од вкупниот број на предвидени поени.
4.7. Кандидатот кој не го положил испитот може повторно да се пријави за полагање на испитот но, не порано од 30 дена од денот на претходното полагање.
4.8.На кандидатот кој го положил испитот му се издава уверение за положен испит за авто-такси возач и сертификат за авто-такси возач.
НАПОМЕНА
Сертификатот за авто-такси возач е документ кој авто-такси возачот задолжително треба да го поседува во такси возилото.
Пријава за сертификат за авто – такси возач (образец)
|
бр. 09-168/1 14.01.2026 година |
ОПШТИНА СТРУМИЦА Градоначалник, Петар Јанков |
