Институции

Институции

Општинска библиотека

ОПШТИНСКА МАТИЧНА БИБЛИОТЕКА ’’БЛАГОЈ ЈАНКОВ МУЧЕТО’’
Ул. Благој Мучето бр.26
Тел.факс 034/ 349-040

Формирана во 1946 година како градска библиотека. Во 1961 година прераснува во матична библиотека. Од 1978 година е сместена во сопствен објект со површина од 600м кој оваа 2006 година е целосно реконструиран.
Организација: Во склоп на Матичната библиотека работат и три подрачни библиотеки во населенте места: Колешино, Муртино и Василево, истите се сместени во Домовите на културата.
Број на вработени: 14
Книжен фонд:140.000 монографски публикации.
Во матичната библиотека има две одделенија кои работат непосредно со читателите:
– Одделение за деца
– Одделение за возрасни

Покрај овие информативно позајмни дејности, во библиотеката се застапени и следниве дејности:

– Обработка на монографски публикации
Дејноста на овој оддел се состои од стручна обработка на монографските публикации според меѓународните стандарди.Исто така се врши и каталогизација на истите.Според тоа постојат четири вида на каталози: азбучен, насловен ,стручен и основен.

– Роднокрајно одделение
Овој оддел опфаќа: истражување, комплетирање, техничка и стручна обработка на публикциите и чување на библиотечниот материјал. Во овој оддел се собира материјал:
што е печатен или на друг начин издаден на територијата на
општина Струмица;
граѓа чија содржина се однесува на струмичкото подрачје;
дела на автори родени на територијата на општината,независно каде живеат и творат.
Воедно овој оддел изготвува и библографии на роднокрајни автори или други содржини.

– Оддел за периодика
Овој оддел се занимава со прибирање,комплетирање ,стручна обработка и каталогизирање на периодични публикации и дневен печат.Тука спаѓаат списанија од сите области, кои се објавуваат во земјата, а и некои странски наслови кои ги добиваме како подарок.Исто така застапен е и дел од дневниот печат кој излегува во земјата.

Оддел за популаризација на книгата
Активностите сврзани со популаризцијата на книгата се одвиваат целата година преку разни форми.Популаризцијата има за цел да ја информира целокупната јавност за сите новини од областа на
литературата.Сето тоа се прави со посредство на медиумите, преку промоции на книги, литературни средби и сл.
Една од активностите е ‘’’Месецот на книгата’’ кој се одржува секоја година. Оваа манифестација е збогатена со низа содржини
кои го задоволуваат вкусот на читателската јавност.
Месецот на книгата ќе опфати повеќе содржини:

• Претставување на детски домашен автор;
• Промоција на нова книга од домашен автор;
• Доделување на награди на редовни читатели;
• Организирање посети на библиотеката за првачињата;
• Подготвување емисии на локалните телевизии,преку кои ќе се претстави библиотеката.
• Организирање на изложби на книги во соработка со издавачките куќи и на новонабавени книги.
• Одржување на средби со читателите, од кои би потекнале иницијативи за нови форми и содржини на работа на библиотеката,со што би се постигнала единствената цел, а тоа е, библиотеката да се стави на комплетна услуга на читателите.

Во изминатите две години ,преку донаторство во библиотеката е набавена компјутерска опрема ,со што се создаваат услови библиотеката постепено да прерасне во инфомативен центар.Со ова се зголемила професионализацијата на библиотечното работење за поуспешно задоволување на потребите на корисниците од разни области.

Имајќи во предвид дека земјоделието е една од основните дејности во овој регион,библиотеката од Струмица во соработка со библиотеката од Гевгелија, подготовува проект ‘’’Агро 2000’’, кој би бил база на податоци од областа на земјоделието и преработка на земјоделските производи.

Библиотеката редовно организира активности преку кои ги претставува најновите достигања од областа на литературата.Раководејки се според желбите на читателите ,се организираат средби со домашни автори чии дела се најчитани во изминатата година. Во изминатиот период пред детската публика беа претставени авторите Горјан Петрески и Киро Донев, како автори чии дела се најомилени меѓу децата. Беше одбележана и годишнината од смртта на роднокрајните автори Видое Подгорец и Љубен Ташковски. Промовирано е и делото на роднокрајниот автор Кочо Урдин, со наслов ‘’’И кога мислиш размислувај’’.
Во соработка со домот на културата’’Благој Мучето’’ од Струмица, се оджаа и други активности по разни поводи,како одбележување годишнини на истакнати револуционери јубилеи изложби и сл.

Библиотеката ќе продолжи со изнаоѓање и подготовка на разни содржини кои ќе го привлечат вниманието на читателската јавност.

НУ завод и музеј

НУ ЗАВОД ЗА ЗАШТИТА НА СПОМЕНИЦИТЕ НА КУЛТУРА И МУЗЕЈ
ул. “27 март”бр.2
тел: 034/ 345 – 925
Работно време: 8.00 – 16.00;

НУ Завод за заштита на спомениците на култура и музеј е основан како покраински музеј во 1952 година. Од 01.01.2005 година установата прераснува во регионален конзерваторски центар надлежен за Струмица, Дојран, Валандово, Богданци, Гевгелија и нивните околини.
Првата изложба била организирана на 1 мај 1955 год. и содржела материјали од историја, етнологија и археологија.

НУ Завод и Музеј , Струмица во рамките на своите истражувања вршел археолошки ископувања на црквите во Водоча, Вељуса, “Свети Петнаесет тивериополски маченици”, “Свети 40 севастиски маченици” Банско, Орта – џамија, Цареви кули, Римската терма во Банско, “Мачук” и “Црвено Поле”, “Страната” кај Ангелци и многу други објекти. НУ Завод и Музеј има објавено повеќе книги, каталози, брошури и водичи: “Зборник на трудови” (1989), “Галерија на Икони” –каталог на изложбата (2000), “Христијанството во културата и уметноста на Струмичката епархија” (2002), “Духовните традиции на Тивериопол” (2003), “Струмица културно – историско наследство” (2005), а во подготовка е и нов “Зборник на трудови”. НУ Завод и Музеј има издадено и флаери за црквите во Велјуса и Водоча и римската терма во Банско. Установата располага и со изложбен простор, спомен – куќата на Благој Јанков – Мучето, Старата турска пошта и Галеријата на икони.
Музејска поставка – Во 1987 е отворена постојаната поставка “Струмица и струмичко низ вековите”, во која денес се изложени неколку стотици од вкупно 3200 предмети од археолошки, историски и етнолошки карактер. Поставката ја следи историјата на Струмица и регионот низ времето преку изложените предмети, почнувајќи од праисторијата, застапена со неолитските наоди од локалитетот “Страната”, енеолитските и ранобронзените од Цареви Кули, преку железновременските, античките, римските (посебен дел потекнува од романизираната популација од лок. Црвено Поле) и средновековните, османлиските, преродбенскиот период, балканските и Првата светска војна, периодот помеѓу двете светски војни се до завршетокот на Втората светска војна. Покрај овие артефакти овде се изложени и предмети од етнолошката поставка со приказ на рурален и урбан карактер на изложбата како и посебен приказ на казанџиството како еден од најважните занаети во Струмица. Во 2004 година се отвори и нов дел во склоп на музејската поставка, каде се изложени наодите од Орта-џамија.

Галерија на икони Галеријата на икони се наоѓа во долниот дел на црквата “Св. 15 тивериополски свештеномаченици”. Галеријата е формирана во 2000 година и за неа се грижи НУ Завод и Музеј – Струмица. Галеријата содржи 67 икони, плаштеница “Оплакување Христово”, црквено – богослужбени книги, кандила, чинии и свеќник. Највредна икона е “Пресвета Богородица со Исус Христос”, од XV век, која е донесена од манастиорт “Св. Богородица Елеуса” – Велјуса.
Автори на овие икони се повеќе, меѓу кои ги издвојуваме: Григориј Пецанов, Гаврил Атанасов – Беровски, Иван Ангелов и К. Меланикос.

НУЦК АНТОН ПАНОВ
Главен репрезент на културата во Општина Струмица е Националната установа Центар за култура Антон Панов – Струмица

Адреса : плоштад Гоце Делчев бб – Срумица
Тел :034 322-182 / 326 769

Историјат: Почнувајќи од 06 Април,2004, со измените на одредбите од новиот закон за култура на Р Македонија, трите претходно самостојни организации : Дом на култура, Уметничка галерија и Народен театар Антон Панов, се интегрираа во една заедничка органузација, под името Национална установа Центар за култура Антон Панов – Струмица.

Објектот на Центарот за култура Антон Панов – Струмица, е една инпозантна градба од 5560 м2 изграден од самопридонес на граѓаните, пуштен во употреба од 01.05.1986 година, како Дом на културата Благој Јанков Мучето.
Народниот театар Антон Панов,основан 1949 година и Уметничката галерија Струмица, основана 1964 година, исто така тука најдоа свој простор за обавување на своите активности, со што овој објект прерасна во храм на музиката, уметноста и целокупното културно живеење на граѓаните од овој град.

Просторни капацитети и кадровска екипираност на објектот

Голема сала: 600 седишта
Мала сала: 150 седишта
Мала сцена: 100 седишта
Фоаје: 70 седишта, 320 м
Изложбен простор: 207 м
Ателје скулпторско: 100 м
Библиотека интерна: 2000 книги

Организација и кадровска структура

Активностите се водат во три сектори
I. Драмско-сценска дејност
II. Музичко-концертна дејност
III. Изложбено-галериска дејност

Менаџментот на институцијата е во лицето на Генералниот директор, Уметнички директор и тројца сектор менаџери.
Вкупен број на вработени во институцијата е 38 луѓе.

Националната установа Центар за култура Антон Панов,Струмица, во рамките на своите програмски активности реализира годишна програма како производ на активностите на трите сектори кои работат и делуват во истиот. Имено, програмата на центарот е сублимат на активностите од : Драмско сценскиот, ликовнио-галерискиот и музичко концертниот сектор.

Културниот центар Антон Панов, Струмица го организира, консолидира и води целокупниот културен живот.
Центарот е средиштето на сите културни збиднувања во градот и околината (Претстави, изложби, концерти, промоции на книги, литературно музички средби, презентации,).Основната цел и активност на Центарот е да ги едуцира граѓаните , посебно младата популација, анимирајќи ја нивната културна креативност, зачувувањето и негувањето на традиционалното културно наследство и творештво и стварање на една културолошки чувствителна и образована публика.

Секоја година се изработува и доставува предлог годишни програмски содржини и проекти кои се разгледуваат од страна на Министерството за култура на РМ и се реализираат во зависност од финансиската подршка на Министерството, и висината на сопствените сретства и спонзорства. Концептуално секоја годишна програма нуди повеќе содржини, но онаа по кое Центарот за култура Антон Панов -Струмица е препознатлив се содржините и активностите што се водат пооделно во трите сектори:

I.Драмско сценскиот сектор

Народниот театар Антон Панов, основан е далечната 1949 година, и во годините на своето постоење поставил на сцена повеќе од 350 премиерни изведби од познати светски и домашни автори со плејада од познати акерски имиња и режисери.
Стратешки, тенденцијата е не само поставување на сцена актуелни и популарни дела со градење перманентна присутност и театарска култура во градот, туку и популаризирање на оваа дејност кај младата популација со генерирање нови вљубеници и идни кадри.
Во овој сектор се вработени вкупно 20 луѓе, од кои 9 актери,8 сценски работници, како и 3 административци предводени од раководител на сектор.
Годишно подготвува и реализира околу 5 премиери со околу 50-тина репризи, по дела од домашни и странски автори. Учествуваат на сите домашни театарски фестивали и манифестации, а имаат и соработка со повеќе странски театарски куќи.

II.Сектор за музичко концертна дејност

Организатор на сите музичко концертни програми и активности во Центарот, а кој за постојани активности ги има:

1.Хор Деница
Хорот ,,Деница,, е постојан субјект во делокругот на музичко сценската активност- сектор и на програмските активности во Центарот за култура – Струмица. Тој е дел од програмите кои се организираат не само во Центарот за култура туку и другите културни случувања во градот.
Редовно учествуваат на домашни и интернационални фестивали, од каде често се враќаат со освоени награди. Од гостувањата во странство, ги издвојуваме: учество на меѓународен хорски фестивал ,,Проф. Горги Димитров,, во Варна, Бугарија, (освоено четврто место), веќе редовно гостување и настап со своја програма на универзитетот ,,Аристотел” во Солун, Р Грција, учество на манифестација во градот Мелник, Р.Бугарија и други.

2.КУД Боро Џони
Во делот на програмските активности поврзани со негување на традиционалниот македонски фолклор, во Центарот за култура Антон Панов Струмица, работи и со години успешно опстојува КУД “Боро Џони”,кој со своите 34 фолклористи и 6 музичари се презентери на народното фолклорно богатство. Обучувајќи и внесувајќи ги во уметноста на фолклорните игри и традиционални кореографии,и бројните ново запишани членови,тие напорно се и дел од повеќето програмски активности на Центарот за култура.
За време на своето постоење и работа остваруваат бројни настапи во земјата и во странство(Германија,Украина,Данска,Турција,Полска и т.н)

3.Старогратски ансамбл Распеани Струмичани
Старогратскиот ансамбл ,,Распеани Струмичани,, постои и работи во Центарот за култура со години. Опстојува во својата програма и настани, повеќе како резултат на ентузијзмот и залагањето на членовите и раководството на Центарот, со минимум расположиви финансиски сретства. Негува еден значаен сегмент од традиционалното музичко и културно живеење на нашиот народ, зачувувајќи ги низ годините звуците, обичаите ,обележјата и навиките на населението од овој крај. Повеќе пати гостуваат на манифестации во земјата и странство и имаат издадена аудио и видео касета со својот репертоар.

4.КУД Русалии
Во делот на програмските активности поврзани со негување на традиционалниот македонски фолклор, во Центарот за култура, работи КУД Русалии, кои со своите членови (околу20), го презентираат народното фолклорно богатство.
Обучувајќи и внесувајќи ги новите членови во уметноста на фолклорните игри и традиционални кореографии, учествуваат во реализацијата на програмските активности на Центарот за култура.
Друштвото КУД Русалии работи и опстојува од 1913 година.Корените на друштвото се од Кукушко. Имаат земено учество на Илинденските денови 24 пати досега. Имаат настапувано на Меѓународниот саем на фолклор во Загреб.

III.Изложбено-галериска дејност

Во склоп на овој сектор се обавуваат дејности во смисла на организација на изложби на познати домашни и странски уметници, а се врши едукација и популаризација на ликовната уметност. Позната е по организирање на Меѓународната Струмичка ликовна колонија, Меѓународниот фестивал на карикатура и афоризам, Детската ликовна работилница, Меѓународниот фестивал на камерен театар “Ристо Шишков”.