Историски споменици
Историски споменици
Момин бунар
Момин бунар се наоѓа во источниот дел на градот и е со длабочина од 11 метри. Порано претставувал попатна станица на патот кон Солун. Гo изградил некој Турчин во спомен на неговата болна ќерка, која му оставила аманет после нејзината смрт, нејзината облека да ја продаде и од парите добиени за неа да изгради бунар. Бунарот беше уреден во 2004 година.
Струмин гроб
Средновековен гроб, се наоѓа на 3 км западно од Струмица, во близина на с.Баница. Гробот има мавзолеен изглед и се состои од 9 слоеви делкан бигор. Гробот е висок 230 см, широк 240 см и долг 400 см. За настанувањето на гробот кај народот постојат три легенди:
1. Дека гробницата припаѓала на Струма, сестра на кралот Марко.
2. Дека гробницата припаѓала на Персеј, принц – роднина на Александар Македонски.
3. Дека гробницата припаѓала на Струма, ќерка на некој заповедник на Словените на Струмичката област.
Последната легенда вели дека градот бил опсаден од силна византиска војска, која долго време не успевала да го освои градот. Тогаш се случило предавството на Струма, која била вљубена во византискиот војсководач и му ја открила тајната за неосвоивите Цареви Кули. Тајната се состоела во тоа да потковиците на коњите им бидат заковани наопаку. Со тоа коњите лесно се искачиле по стрмните карпи кон тврдината. Византијците ја освоиле тврдината, а таткото ја проколнал ќерка си: кога ќе умре земјата девет пати да ја исфрла од земја. Деветте слоеви делкан бигор легендата ги поврзува со деветте исфрлања и погребувања на Струма. Но, дали една од овие легенди е точна или гробот си има своја сосема друга историја, не се знае
Доцноантичка урбана палата Мачук
Објектот во самиот центар на градот, тнр. “Мачук”, претставува мал сегмент од некогашниот антички град во старото урбано јадро на Струмица. Овде се пронајдени основи од повеќе објекти кои се пластеле низ вековите. Со оглед на местоположбата, големината, архитектонската концепција на просториите како и остатоците од ентериерот, мозаици и фрескоживопис, може слободно да се каже дека објектот е урбана палата од времето на IV-VI век.
Со него се прошируваат и надополнуваат сознанијата за доцноантичка населба подигната во стариот дел на денешна Струмица, каде се одвивал континуиран културен и духовен живот.
Декоративната концепција на мозаиците од локалитетот Мачук, заедно со мозаичните декоративни елементи на лок. Св. Петнаесет Тивериополски Маченици, претставуваат специфично согледување на уметничкиот израз во доцната антика во градот и пошироко во Македонија
Орта Џамија
Еден од репрезентативните духовно – уметнички светилишта во градот ги претставуваат архитектурата и живописот од црквата во старото урбано јадро на Струмица под темелите на исламскиот верски објект Орта Џамија.
Опожарени градби од камен и кал го најавуваат постоењето на трикорабна црква од крајот на XI и почетокот на XII век. Под темелењето на средновековната црква со остатоци од поранешните периоди. Градбата од камен и кал навестува тешко економско време, но зачуваниот живопис, иако во фрагменти, е несомнена потврда за духовната традиција. Фрагментарно зачуваните ликовни елементи стилски не упатуваат на сликарството од времето пред палеологовскта епоха со стилски и временски карактеристики блиски на црквата од Водоча, односно од првата половина на XI век. Се работи за голем сликарски и тематски сложен ансамбл со највисоки ликовни квалитети: групацијата на апостолате: Апостол Павле од композицијата Причестување на апостолате, апостол Лука, апостол Симон, свештеномаченички од благородничко потекло, циклус на Големите празници, циклусот на Христовите страдања и евхаристична сцена во олтарот.
Маркантните димензии на црквата и високиот уметнички израз на живописот, сведочат за неоспорната упорност за подигање на објекти за потребите на епархијата.
Зачуваниот конструктивен дел од апсидата, кадешто се присутни Чесната трпеза и синтроносот, впрочем го потврдува епископскиот карактер на црквата.
Самиот факт дека храмот се наоѓа во старото градско урбано јадро на Струмица зборува за неговото големо значење и улога за духовната просветеност, негувајќи го култот кон Богородица Милостива, дозволува да тврдиме дека токму оваа црква е посветена на Пресвета Богородица.
Богатата некропола создадена по рушењето на црквата, го одразува карактерот на светиот простор и значењето кој го имал за локалната популација.
Римска терма
Локалитетот познат како Римска терма претставува всушност доцноримско термоминерално лекувалиште (Balneum) кое е подигнато во III и IV век. Тој се наоѓа на околу 12 км оддалеченост источно од Струмица, во подножјето на планината Беласица. Термата e откриенa во 1978 год. при копањето на темелите на хотелот “Цар Самуил”. Објектот ги користил лековитите води на изворот “Парило”, кој се наоѓа на 50 метри југозападно од него, чиј капацитет е 42 литри во секунда, а температурата е 72°Ц.
Во бањата досега се откриени 11 простории со вкупна корисна површина од 623 м². Ѕидовите се зачувавани во височина од 2 метра до 6,70 метри. Зачуваноста е најголема во просториите што служиле како сауна и базенот со ладна вода – фригидариум. Во сите простории се зачувани подовите, кои се градени од тула и малтер и почетните партии од сводните конструкции. Зачуван е и комплетниот систем на подното и ѕидното затоплување, а се зачувани и доводните и одводните канали. Со последните ископувања се пронајдени нови објекти во кои се откриени полихромни подни мозаици од средината на IV век.
Споменик Цареви Кули
Сведоштво за немирните времиња во среден век во Струмица представуваат дебелите бедеми и тврдини над градот, наречени Цареви Кули. Оваа тврдина се наоѓа на јужната страна на градот, на зарамнето плато на врвот од ридот, кој мошне стрмно се издига над градот. Ова плато се наоѓа на надморска височина од 445 метри и од таму е можна прегледност и контрола над целата струмичка котлина. Платото можело полесно да се брани и кога не би било утврдено, затоа што со стрмнина е обиколено од сите страни. Ваквата местоположба на тврдината и овозможува едновремено да ги контролира трите влеза во градот.
По самите рабови на платото се наоѓаат остатоци од одбрамбен ѕид, од кои западниот, во должина од четириесетина метри, и денес е добро видлив. Овој одбрамбен ѕид тече околу платото и ја следи конфигурацијата на теренот по речиси иста изохипса. Покрај овој бедем на врвот на ридот, постојат уште неколку бедеми кои се протегаат на северната страна во неколку појаси. Овие појаси најверојатно допираат до самиот град Струмица. Главниот влез се наоѓал на јужната страна. Влезот бил фланкиран со две правоаголни кули, од кои југозападната и денес е сочувана, иако во нарушена состојба. Што се однесува до југоисточната кула, таа се издигала се до земјотресот кој ги погодил овие краишта во триесетите години на дваесетиот век. Влезот на јужната страна бил организиран со мост, кој веројатно бил подвижен во некои периоди и кој го премостувал вештачки направениот длабок дол поврзувајќи го со гребенот јужно од влезот. Можеме, исто така, да претпоставиме дека вакви кули имало и на северозападната и североисточната страна, зашто целата тврдина има форма на четвороаголник.
Во внатрешноста на тврдината се наоѓаат добро сочувани остатоци од повеќекатна полигонална кула, која представувала некој вид команден центар од кој се раководело со одбраната, таканаречен – донжон. Таа, и ден денес, добро е сочувана и се протега во правец север-југ. Однадвор има форма на неправилен издолжен шестоаголник со два остри агла свртени кон север и југ. Внатрешноста на кулата е четвороаголно организирана и имала два или повеќе ката. Педесетина метри северно од кулата се наоѓа издлабена во земјата четвороаголна просторија – цистерна. За оваа просторија се претпоставува дека била цистерна за вода или складиште за храна; жито, вино итн.
На западната и источната страна се наоѓа зарамнето плато на кое се констатирани стопански и стамбени објекти на посадата на тврдината.