Општинскиот штаб за заштита и спасување на општина Струмица ги известува земјоделците за новата забрана за движење што ја донесе Владата, а којашто стапува во сила од среда (08.04.2020 година).
Земјоделците од општина Струмица што имаат работни обврски на своите земјоделски површини, а кои се наоѓаат во атарот на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење.
Земјоделците, пак чиишто земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото во кое живеат и треба да патуваат, а имаат работни обврски поврзани со производството, задолжително треба да извадат дозвола за движење.
Вадењето дозволи за оние земјоделци кои треба да патуваат од местото на живеење до локацијата кадешто им се наоѓа земјоделската површина или фарма, ќе биде по претходно воспоставениот принцип, преку Подрачната единица на МЗШВ во Струмица.